Со голема чест и духовна гордост, Црковниот одбор на село Чајле известува за завршената реконструкција на црквата „Свети Атанасиј Велики“ – древен симбол на православната вера и традицијата во ова гостиварско село.
Реконструкцијата вклучува нов фасаден ѕид на црквата, изработен од камен и тула, со што се разубавува надворешниот изглед и се зајакнува историската вредност на храмот, првично изграден околу 1870 година на место каде што се верува дека постоеле остатоци од манастир, информираат од Црковниот одбор.
За да се одбележи овој значаен момент, на 3 ноември 2024 година (недела) во 10:30 часот, ќе се одржи свечен чин на осветување на куполниот крст кој ќе ја краси црквата „Свети Атанасиј“ во Чајле. Оваа церемонија ќе ја предводи Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во придружба на црковни свештенослужители од гостиварското архиерејско намесништво. По осветувањето ќе следи културно-уметничка програма со членовите на ГАКУД „Браќа Ѓиновски“.
Црковниот одбор упатува повик до сите жители и пријатели на село Чајле, како и до сите добронамерници, да се приклучат на овој благословен чин. Заедно, со вера и единство, да се круниса завршувањето на обновата и остави значаен белег за идните генерации.