Во суштина, затворите постојат не само за да се казнат криминалците, туку и за отслужувајќи ја казната тие да се променат, за еден ден да се реинтегрираат во општеството како корисни граѓани. Зависно од затвор до затвор и од земја до земја, некои затвори тоа се обидуваат да го направат преку што поголема строгост. Затворот HMP Berwyn, во Врексхам, Британија, го користи спротивниот пристап – третирање на затворениците со почит како кон секој друг поединец.
Па така, на пример, согласно рехабилитациониот мек пристап, HMP Berwyn e, пред сè, извонредно опремен и среден. Понатаму, затворениците дури поседуваат и клучеви од своите соби (ќелии), за да можат непречено да излезат, но и за да го чуваат својот посед на безбедно. Покрај тоа, полицајците, пред да влезат во ќелијата кај некој затвореник, мораат учтиво да тропнат на вратата. Се разбира, тоа не важи во случаите во вонредни ситуации кога потребно е да се изврши претрес, на пример.
Во HM Prison Berwyn, кој е најголемиот затвор во Англија и Велс, се чуваат затвореници од категоријата Ц, односно оние за кои најмалку се верува дека би се обиделе да побегнат, но сепак не им се верува доволно за да бидат чувани во отворени затвори.
Освен привилегиите од типот да си имаат клуч од собата, затворениците во овој затвор имаат на располагање и добро уредени и опремени теретани, простории за дружење и слично, дури налик на оние во студенските домови (но далеку подобри од нашите студентски домови, ако сме искрени).
Ваквиот пристап е опишан и појаснет во извештајот на Royal Institute of British Architects и Министерството за правда, насловен „Wellbeing in Prison Design“:
„Имањето слобода за персонализација на сопственото опкружување има широк спектар на погодности за здравјето и добросостојбата на луѓето во затвор, со тоа што создава чувство за место, припаѓање и идентитет. Допуштањето затворениците да ги контролираат атмосферските услови – како што е отворање прозор, вентилатор, контрола на греењето и слично, може да ги ублажи негативните ефекти на лошата атмосфера и да создаде чувство на самоефикасност“, стои во извештајот.