Застапеноста на Албанците во јавниот сектор е 20.6%, уставното начело не е испочитувано во целост – оценува Зибери

Скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност, се оценува во Посебниот извештај на Народниот правобранител за следењето на примената на начелото за соодветна и правична застапеност на вработените во јавниот сектор за 2021 година.

Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција информираше дека за потребите на ова истражување за 2021 година доставиле барање до вкупно 1328 институции/органи и, како што рече, за прв пат оваа година, добиени се одговори од сите..

„Во однос на минатата година, оваа година на збирно ниво забележано е намалување на бројот на вработени од македонската заедница за 0,5 проценти, односно намалување за 1354 лица. Оваа година забележано е зголемување на бројот на вработени за 0,5 отсто кај албанската заедница, чиј број од минатата година е повисок за 431 нововработен“, информираше Зибери.

Од помалите етнички заедници, забележано е намалување на бројот на вработени за 0,1 проценти кај турската заедница додека кај припадници на останатите заедници е на исто ниво, како и изминатата година.

„Земено во целина овој Посебен извештај за 2021 година, покажува дека има одреден напредок во спроведувањето на ова начело, така што од 2007 година до 2021 година, може да се увиди следната состојба: застапеноста на Македонците во јавниот сектор од 83,72 проценти во 2007 година, во 2021 година е на 72,8 отсто, што е збирно намалување за 10,92 проценти, додека застапеноста на Албанците во јавниот сектор од 10,8 отсто во 2007 година, сега е 20,6 проценти, што претставува зголемување од 9,8 отсто“, посочи тој.

Според извештајот, застапеноста на Турците во јавниот сектор од 1,1 процент во 2007 година, изминатата 2021 година е 2,0 отсто, што претставува збирно зголемување за 0,9 проценти.

Застапеноста на Ромите – вработени во јавниот сектор во 2007 година изнесувала 0,8 отсто, додека во 2021 година нивната застапеност е 1,3 отсто, така што, според овој податок напредокот кај ромската заедница во изминатите години е 0,5 проценти, додека, застапеноста на Србите во 2007 година, вработени во јавниот сектор, била 1,8 проценти, а во 2021 година е 1,4 отсто, што претставува намалување на збирното ниво од 0,4 проценти.

Власите во 2007 година биле застапени со 0,7 отсто во јавниот сектор, а во 2021 година тие се застапени со истиот процент, додека Бошњаци во 2007 година во јавниот сектор биле застапени со 0,3 проценти, а во 2021 година тие се застапени со 0,5 отсто, што е збирно зголемување од 0,2 проценти кај оваа заедница.

Сите оние кои се декларирале како припадници на некоја друга етничка заедница која не е заведена во Преамбулата на Уставот на РСМ, застапени се со 0,7 отсто од вкупно вработените во јавниот сектор во 2021 година, додека, нивната застапеност во 2007 година била 0,9 проценти.

Како лош пример за непочитување на принципот на соодветна и правична застапеност а кај кои по укажаните препораки на Народниот правобранител оваа година се забележува подобрување на состојбата, се издвоени службата во кабинетот на претседателот на државата, службата на Собранието на РСМ, Државната комисија за спречување корупција, Врховен Суд, Министерство за земјоделие шумарство и водостопанство, Агенција за катастар на недвижности, Агенција за млади и спорт и неколку други органи и служби.

Но, како што информираше Зибери, во одредени органи и институции, и покрај упатените препораки и укажувања на Народниот Правобранител, минатата година не преземале никакви мерки за подобрување на состојбата.

„Така на пример, минатата година нотиравме дека состојбата е загрижувачка во Уставен Суд (3 проценти), Основен Кривичен Суд, Апелационен суд Скопје, Основно Јавно обвинителство Скопје, Академија за судии и јавни обвинители, МАНУ (1 процент), Музеи, Служба за општи и заеднички работи (5.6 проценти), Акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (2.6 отсто), МЕПСО (9 проценти), Агенција за филм, Агенција за администрација (7 проценти), , Агенција за енергетика (0 отсто), Национална агенција за европско образование, Биро за застапување на РСМ во Европскиот суд за човекови права, Институт за фолклор итн, рече Зибери.

Што се однесува до прибраните податоци за полова и образовна застапеност, истите укажуваат дека оваа година во субјектите на јавниот сектор има 134.099 вработени лица на неопределено време, од кои 69.014 се мажи (51,46 проценти), додека 65.085 се жени (48,54 отсто).

„Извештајот за 2020 година покажа дека од вкупно 134.979 вработени во испитаните јавни субјекти, 70.182 се мажи (51,99 проценти), а 64.797 (48,01 отсто) се жени. Ваквиот приказ на состојбите значи мал напредок во остварување на половата еднаквост меѓу жените и мажите, што во проценти искажано е зголемување за 00.53 проценти во однос на жените“, вели Зибери.

Од вкупниот број 134.099 вработени мажи и жени во јавниот сектор, 67.771 се со високо образование, 3.886 се со вишо образование, 51.491 се со средно образование, а 10.173 се со основно образование.

Оттаму, потребна е поголема сериозност од страна на сите чинители на јавниот сектор при спроведувањето на упатените препораки, укажувања и критики на Народниот правобранител за законита примена на начелото на соодветна и правична застапеност, порача Зибери, со што ќе се воспостави, вели, систем на еднакви граѓани кои подеднакво, без оглед на етничката припадност, ќе бидат составен дел на ова мултикултурно-демократско општество.

„Потребно е да истакнеме дека Народниот правобранител повторно констатираше мал и недоволно голем исчекор во спроведувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, со што и годинава останува на сила општата препорака која ја упатуваме до сите надлежни институции задолжени да го следат степенот на нејзино успешно и соодветно спроведување во сферата на јавниот сектор“, заклучи Зибери.

- Реклама -