Zапочнува 54. издание на фестивалот „Илинденски денови“ во организација на Центарот за култура Битола

Под мотото „Уметноста на традицијата“ денес во Битола започнува 54. издание на фестивалот „Илинденски денови“ во организација на Центарот за култура. 

Овој фестивал, на кој се слават народни песни и игри од целиот свет, ќе трае 13 дена и ќе учествуваат 1.300 учесници од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и САД.

Мисијата на фестивалот е да ја зачува и негува традицијата, вредност која се одржува повеќе од половина век. Настанот ја трансформира Битола во живописна сцена, со настапи кои започнуваат од Старата битолска чаршија, вдолж Широк сокак до платото на Офицерскиот дом, ветувајќи живописен приказ на традиционални облеки, автентична музика и танц од сите меридијани на светот.

Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура Битола, на вчерашната прес конференцијата го истакна значењето на фестивалот: “Ова е еден од најатрактивните и најголемите фестивали кај нас. Фестивал кој широко ги отвора вратите на повеќе од илјада учесници кои го негуваат фолклорот и традицијата. Ова е еден од ретките светски фестивали цертифицирани од CIOFF – светската организација која ги обединува чуварите на нематеријалното културно наследство, поддржана од УНЕСКО. Оттука и неговата големина.”

Фестивалот ќе започне со меѓународниот филмски фестивал на етнографски филмови, кој годинава го има своето трето издание. На фестивалот ќе бидат прикажани 40 филмови, кои ја поминаа строгата селекција од вкупно 2.681 пријавени, што зборува за еден неверојатен интерес. Селекторот Тони Гламчевски ја изрази својата посветеност кон овој млад фестивал и кон одржувањето на традицијата на големиот фестивал: „Нашата цел е да останеме верни на суштината на „Илинденски денови“, прикажувајќи го потеклото и богатството на светските традиции преку седмата уметност. Филмовите годинава вклучуваат неверојатни автентични приказни кои даваат поинаква визура на традициите кои станале фокус на луѓето кои снимаат филмови”. 

Прочитајте и:  Неделен ноќен концерт на Марко Виденовиќ и „Квинтето“ во Битола

Валентин Соклевски е столб на фестивалот. Неговата посветеност со децении на овој проект е евидентна, со растот кој го има, особено последните 10 години. На денешниот прес, низ емоции зборуваше за посветената работа и за тимот кој работи со него во креирањето и реализацијата на обемната програма на фестивалот која вклучува работилници, изложби, модни ревии и интерактивни сесии дизајнирани да ангажираат публика од сите возрасти. Најблиската соработничка на Соклевски, Љупка Стефановска ја истакна важноста и на научната дејност која ја негуваат како фестивал, со научно стручна конференција, која ќе ги собере истакнати гости од Европа за да разговараат за културното и историското значење на народните традиции.

Свеченото отворање на фестивалот со големото дефиле е планирано за 27 јули со настап на локални и меѓународни фолклорни групи. За време на фестивалот, посетителите ќе имаат можност да ја искусат енергичната атмосфера на Битола, со традиционални музички и танцови изведби кои ќе ги оживеат улиците и плоштадите.

Покровител на фестивалот е Претседателот на Собранието, иститот се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола, како и група на спонзори, имаат клучна улога во овозможување на овој настан. Нивната поддршка ја нагласува важноста од зачувување и промовирање на културните традиции за идните генерации.

фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

- Реклама -