Од денеска започна доделувањето на картичките за „зелена нафта“, соопшти заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Трајан Димковски.
Денеска своите персонализирани платежни картички можеа да ги подигнат сите земјоделски стопанства кои спаѓаат во подрачните единици на МЗШВ во Штип, Велес и Свети Николе. Веќе утре, картички за зелена нафта ќе може да подигнат и земјоделците од Тетово и Боговиње, а наредните денови картичките ќе бидат достапни и во Кривогаштани, Прилеп, Крушево. Од 26 – ти сите земјоделци од Демир Хисар и Битола ќе може да ги подигнат картичките со кои ќе може да точат субвенционирано „еуро дизел гориво“, објави Димковски.
Тој додаде дека и оваа година се финансираат 50% од утврдените трошоци за гориво за земјоделска механизација, а поддршката, истакна, доаѓа во вистинско време за земјоделците во пресрет на претстојната есенска сеидба и берба.
Како што соопшти Димковски, вкупно за оваа мерка се обезбедени 200 милиони денари преку програмата за директни плаќања во земјоделството.