Поддржувачите на левицата се собраа на улиците на француските градови од Париз до Марсеј, откако левиот „Нов народен фронт“ победи на изборите, пишува францускиот весник „Монд“.
Истовремено, активистите и симпатизерите на „Националниот собир“ изразуваат разочарување и тврдат дека изборите им биле одземени, откако сите анкети предвидуваа победа на крајно десничарската формација на Марин Ле Пен.
Британскиот весник „Гардијан“ прогнозира политичка блокада во Франција, истакнувајќи дека ниту една партија не освоила мнозинство. Премиерот Габриел Атал веќе поднесе оставка.
Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва ги поздрави резултатите на „Нов народен фронт“, наведувајќи дека е „многу среќен“ од „демонстрацијата на величина и зрелост“, по обединувањето на левите и центристичките политички сили за да спречат избор на крајната десница.
Весникот „Телеграф“ исто така очекува поделена политичка ситуација и парламент, што ја става земјата во неизвесност. И трите главни блока ги немаат потребните 289 пратеници за контрола на 577-членото Национално собрание.
Марин Ле Пен, за која се верува дека размислува за четврта претседателска кандидатура, изјави дека изборите ги поставиле темелите за „утрешната победа“.
Францускиот весник „Фигаро“ ги опишува резултатите од изборите како „огромно изненадување и вистински скок во непознатото“, со левиот блок кој ќе освои меѓу 187 и 198 пратеници, што многу повеќе од 151 пратеник пред две години.
Коалицијата околу претседателот Емануел Макрон Макронистите добива меѓу 161 и 169 пратеници, што е подобар резултат од последните истражувања на јавното мислење. Најголем напредок постигна формацијата на Ле Пен, со меѓу 135 и 143 пратеници, во споредба со 89 на претходните избори.
Десничарската партијата „Републиканците“ добива 63 пратеници, што е само за два повеќе од претходниот резултат.
Овој резултат претставува пораз за претседателот Емануел Макрон, кој пред месец дена реши да го распушти Националното собрание по слабите резултати на европските избори.
Според политологот Бенжамен Морел, пред Макрон се отвораат два сценарија: да направи чекор налево за да состави импровизирано мнозинство или да назначи „техничка“ влада која ќе управува до следното распуштање на парламентот, што е можно само по една година.
„Републиканскиот фронт“ создаден пред децении за да ја спречи крајната десница да стигне до власт во Франција, сѐ уште функционира, истакнува „Фигаро“.
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ смета дека „републиканскиот фронт“ одигра значајна улога за резултатите, а зголемената излезност е показател за силниот интерес на јавноста.