Заменик-министерот за внатрешни работи – Назим Буши, денеска доби нова декорација за својата канцеларија. Се работи за признание за неговите заслуги во ОВК, каде неговото име е изгравирано на дрвена плоча заедно со амблемот на Ослободителната војска на Косово (ОВК, aka. УЧК).
Фотографијата осамна на профилот на извесен Лиридон Бајрами, кому во биографијата на Фејсбук му пишува дека работел за „Унијата на албанските земји“. За Буши, тој пишува вака:
„Ја имав честа и привилегијата денеска да се сретнам со командантот на 114-тата бригада Фадил Нимани – Тигар и сега заменик министер за внатрешни работи Назим Буши.
Како син на маченик, му го посветувам овој подарок кој докажува дека знае како да биде репрезент секогаш кога е во прашање националниот интерес. На патриотите по војната, Фејсбук патриотите, лесно им е да ни продаваат приказни, но кога беше потребно Назим ја соблече државната униформа и ја носеше униформата на народот. Тоа е доказ за неговата национална визија и став. Многу кратко и јасно му порачав на мојот пријател, драгиот г-ин Назим, дека „зборуваат тие кои не успејаа и не направија ништо за нацијата и татковината, додека карванот врви“. Назим Буши беше и сум длабоко убеден дека секогаш ќе биде во карванот на Албанците. Слава на мачениците!“.
Во постот на Бајрами е „тагнат“ и Керим Буши. На неговиот профил можат да се најдат многу објави за заменик-министерот. Во последната од нив, Керим демантира извесни гласини од, како што вели, „сомнителни анти-национални кругови“, дека Буши викендов положил венец на „бранителите“ (тој ги пишува во наводници) од 2001 година. Во постот се наведува дека УЧК се борела не само против Тигрите, туку против целиот тогашен државен апарат, во кој денес се и Албанците, и дека Буши бил измачуван од тогашниот режим. Се напоменува и дека Буши бил еден од главните сведоци во Хаг во 2007, кој сведочел за чистината и праведноста на војната на ОВК, како и дека Буши, наспроти сите неистомисленици, ги обвинил и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски за „злосторства против човештвото“ извршени кон Албанците. Покрај тоа, во постот се споделени и неколку фотографии од опишаното минато на заменик-министерот.