Залутана крава непречено се прошета на повеќе локации низ скопската „метропола“ (ВИДЕО)

Ако скопскиот метеж не беше доволен, денеска го надополни и една крава. Како што може да се види од бројните реакции на социјалните мрежи, кравата била забележана на повеќе локации во Скопје додека прилично релаксирано шета на средина на некои од главните булевари.

Кравата, се чини, прво била забележана на булеварот „Цветан Димов“ во Чаир, на потегот меѓу основното училиште „Лирија“ и трговскиот центар „Чаирчанка“, каде и онака не е едноставно да се помине со автомобил, поради што пред извесно време беше поставена и бетонска преграда.

Скопјанецот Зоран Поповиќ, за „Скопско ехо“, раскажува дека додека возел од Чаир кон Бит-пазар се формирала долга колона од возила. Мислел дека се работи за сообраќајка, но наскоро се изненадил кога видел дека причина е кравата:

„Таа слободно си се движеше и никој не ја тргнаше. Не ми е јасно од каде се појавила, но секако не ѝ е место на оваа прометна сообраќајница“, вели тој.

По екскурзијата во срцето на Чаир, кравата е снимена на надвозникот пред Бит-пазар, а потоа и карши „Мавровка“, односно пред Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, каде (безобразно) се движела во спротивна насока.

Следно, кравата е снимена кај Основниот суд во Скопје, а според коментарите на социјалните мрежи, потоа била видена и кај мостот кај Железничка станица.

Како што може да се види од приложеното, кравата имала сосема доволно време на располагање да ја прошета метрополата (и попат да ја загрози безбедноста во сообраќајот). Граѓаните коментираат дека глетките ги потсетиле на Индија, додуша веќе знаевме дека таму кравата се смета за божество.

- Реклама -