И покрај препораките донесени од Владата поради топлото време за денеска се закажани прес-конференции и настани во периодот од 11 до 17 часот.
Според најавите, треба да се одржи прв состанок на политичкото координативно тело на Влен во 14 часот во Тетово на кое ќе бидат присутни лидерите на коалицијата, а за во 12 часот е закажана прес-конференција на пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Поради високите температури, Владата во четвртокот донесе препораки според кои од работа треба да се ослободат бремените жени и лицата над 60 години, а на работодавачите им препорача да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот.
Вчера реагираше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелирајќи до политичките чинители во земјава да ги почитуваат актуелните препораки за заштита од топлотниот бран.
Во услови на портокалово ниво на опасност од високите температури, Владата, меѓу другото, препорача да се избегнува престој на отворено во период од 11:00 од 17:00 часот – мерка која не ја почитуваат ниту владини претставници, ниту претставници на политичките партии, истакнаа од ССНМ.
Според синоптичарите, топлото време и портокаловата фаза ќе траат до крајот на следната работна недела. Во петок се очекува промена на времето.