Зајадливи цитати од големиот Волтер

volter

Одвратен, суетен, зборлив, несовесен, понекогаш нечесен, се дел од неговите карактерни особини. Но сепак тој истиот Волтер, бил неуморен добротворец, љубезен, дарежлив во пари, борец против фанатизмот во црквата, бранител на невино осудените, заштитник на прогонетите. Имал многу пријатели и непријатели – “Нека бог ме сочува од пријателите, а од непријателите сам ќе се погрижам.”Сето ова му донесува слава и духовен авторитет во тоа време. Кога и да се случело било какво злосторство против хуманоста, Волтер веднаш гласно го објавувал низ цела Европа името на виновникот. Крвавите пресметки помеѓу религиозните фанатици го огорчуваат Волтер до таа мера што тој во едно писмо до Далмбер, напишал: “Се срамам дека припаѓам на една мајмунска нација која честопати се претвора во тигар“. Многу од своите брошури и студии ги пишувал под псевдоним, меѓутоа читателите веднаш ги препознале острите канџи на лавот од Фаранеа. По долго прогонување на стари години триумфално се враќа во Париз 1778 год и воодушевено е пречекан од своите обожаватели.

Ова е само дел од портретот на Франсуа Мари Аруе – со прекар Волтер. Со него започнува епохата на француското просветителство во 18 век. Токму затоа тој период е наречен Волтеров век. “Книгите управуваат со светот или оние народи кои имаат писмо на свој јазик. Образованието е ослободување. На оној народ кој почнал да мисли, не може повеќе да му се наредува“. И така Франција започнува да мисли со Волтер. Тој е учител на просветителското движење.

Волтер бил сјаен писател, поет, драматург, историчар и философ. Неговата сатирична зајадливост, искажана преку перото, предизвикувала ужас и силна омраза кај противниците. Но затоа терминот волтеријанец станал синоним за напредните луѓе во тоа време. Волтер огорчено се борел против феудалните привилегии. Тој велел дека ќе поверува во рицарското право, ако на грбот на селските новороденчиња види седло, а на нозете на рицарите шпори. Тој барал селаните да се ослободат од даноците и прекумерната експлоатација. Исто така, се борел и за слободата на зборот, печатот, совеста. Особено се нафрлал врз црквата, паразитското свештеништво и јавно ги повикувал масите да ја згазат гнасата. Така Волтер станал борец за граѓанските човекови права.

“Кој не ја сака слободата и вистината, може да стане моќен човек, но голем – никогаш.”

“Бог е комичар, играч пред публика, која е премногу исплашена за да се смее.”

“Големите дела секогаш се придружени со големи пречки.”

“Времињата на најголемо суеверие секогаш биле времињата со најмногу ужасни злосторства.”

“Да веруваш во Бог е невозможно, но да не веруваш во Него – апсурдно.”

“Да знаеш многу јазици, значи да имаш многу клучеви за една врата.”

“Да се ​​родиш два пати не е повеќе зачудувачки отколку да се родиш еднаш – сè во природата е потчинето на законот на преродбата.”

“Едно од најважните човекови права е правото да греши.”

“Кога станува збор за пари, сите сме од една иста религија!”

“Кој е добар само за себе, не е добар за никого.”

“Кој е построг од законите, е тиранин.”

“Тој што ги ограничува своите желби, тој е секогаш доволно богат.”

“Колку понапред оди разумот, толку посилно шкрипи со забите фанатизмот.”

“Лекарите се луѓе кои препишуваат лекови за кои знаат малку, за да лекуваат болести за кои знаат уште помалку, кај човечки суштества за кои не знаат ништо.”

“Моите права завршуваат таму каде што почнуваат правата на другите.”

“На живите им ја должиме почитта, на отидените на оној свет – вистината!”

“Не е сиромаштијата неподнослива, туку презирот. Можам да живеам лишен од што и да е, но не сакам да знаат за тоа.”

“Не се согласувам со она што го зборуваш, но додека сум жив ќе го бранам твоето право да го зборуваш.”

- Реклама -