Захариева: Се знае – Гоце Делчев бил Бугарин! Ако нема договор, Бугарија ќе ја напушти комисијата

Ако нема договор околу датумот за заедничко чествување на Гоце Делчев, Бугарија повеќе нема да учествува во заедничката комисија со Северна Македонија, соопшти бугарската министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева, пренесува бугарската БГНЕС. Таа е децидна дека Бугарија нема да прави компромис со датумот и нема да се согласи Делчев да биде чествуван на 7 октомври, како што предлага македонската страна.

„Со генерации во Македонија ги учат децата на отворени лаги и лажен национализам, тоа не можеме да го прифатиме“, порачала Захариева, додавајќи дека кога во комисијата се разгледуваат датуми и документи, Бугарија е таа што ги испраќа, а Македонија враќа мислење по истите.

Целата македонска историја е создадена на основата на поделбата со Бугарија, но барем историјата запишана во учебниците нека е точна, дополнила бугарската шефица на дипломатијата.

Захариева е децидна дека неприфатлив е датумот 7 октомври – кога во 1946 година комунистичката власт во Софија му ги предаде на Скопје моштите на Гоце Делчев, што македонската страна го понуди како појдовна точка во тоа ликот и делото на Гоце Делчев да бидат мост на зближување на двете земји.

„Вчера пред комисијата настојувавме на фокус, а до крајот на годината – и за значајни резултати околу деталите за Гоце Делчев и Илинденско-преображенското востание. Тие две нешта се клучни. Се разбира, направивме и извештај за сработеното – имаме успеси на темите за Цар Самоил, за Светите браќа Кирил и Методиј, за Св. Наум. Но како да направиш компромис со вистината за Гоце Делчев? Се рабира, нема да отстапиме! Јас и на пленарните разговори со комисијата кажав дека ние не сакаме ништо повеќе од вистината. Не може да се прават компромиси со вистината – самиот Гоце десетици пати се кажал што е – Бугарин! Го напишал тоа десетици пати!“, дополнила Захариева.

Прочитајте и:  Реакција на медиумите од соседството за протестите во Бугарија за претставата режирана од Џон Малкович

„Ние им ја знаеме историјата – целото сфаќање на нацијата им е создадено врз основа на одделувањето од Бугарија, и тоа што е апсурдно е датумот за чествување на споменот на Гоце Делчев – да потсетам дека македонскиот премиер Зоран Заев беше тука на 4 февруари, кога заедно со Бојко Борисов го одбележуваа споменот на Гоце Делчев“, истакна Захариева.

„Повеќето Бугари не ни слушнале за датумот 7 октомври – тоа е датумот на едно од најголемите предавства во бугарската историја, извршени од БКП (Бугарска комунистичка партија) – кога по 1944 година, под притисок на Сталин и Тито ги признаа Македонците како Бугари, и во конкретната 1946 на 7 октомври тоа и се случи – нема зошто и не може да го чествуваме тој датум“, децидна е Захариева.

 

- Реклама -