Захариева и други пратеници на ГЕРБ-СДС, на средба со бугарските организации и здруженија од земјава

Софија, 23 февруари 2022 (МИА/БТА) Пратеници од Пратеничката група на Граѓани за европски развој на Бугарија и Сојузот на демократските сили (ГЕРБ-СДС) се сретнаа со претставници на организации и здруженија на Бугарите во Република Северна Македонија, соопшти Прес-центарот на ГЕРБ.

На средбата присуствуваа координаторот на пратеничката група на ГЕРБ-СДС – Десислава Атанасова, заменик-претседателот на ГЕРБ – Томислав Дончев, и пратениците Екатерина Захариева и Тома Биков.

Од земјава присуствувале членови на раководството на партијата Граѓански демократски сојуз, здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“ – Битола, „Трибина“ – Прилеп, „Македонско-бугарско пријателство“ – Скопје, „Коридор 8“ – Скопје, „Интеракција“ – Охрид и „Единство“ – Кочани.

„Претставниците на бугарските организации во Северна Македонија се заблагодарија за конзистентната политика на ГЕРБ и нејзината Влада за заштита на нивните права и изразија желба актуелниот бугарски владин Кабинет да продолжи со овие активности. Тие додадоа дека очекуваат ГЕРБ да го одржи националниот консензус за темата ‘Македонија’ и да ја зачува сегашната позиција на Бугарија за европската интеграција на Северна Македонија, барајќи од властите во Скопје да се борат против говорот на омраза и дискриминацијата на нејзините граѓани од бугарско потекло, како и Бугарите да бидат внесени во Уставот на земјата за да ги уживаат сите права што ги имаат другите етнички заедници“, посочуваат од ГЕРБ.

„Пратениците на ГЕРБ одговорија дека ќе направат сѐ за да се зачува националниот консензус за ова прашање и ја повикаа владата на Кирил Петков да не подлегнува на скопската пропаганда која се обидува да нѐ убеди дека проблемите со билатералните односи се претежно во историјата. Всушност, проблемите се во сегашноста и се поврзани со односот кон Бугарија и нашите сонародници кои живеат во Северна Македонија, како резултат на манипулација со историската вистина“, се вели во соопштението.

И ГЕРБ и претставниците на бугарските организации беа единствени во ставот дека е потребен видлив напредок на сите теми од билатералната соработка и дека интензивното одржување на состаноци на работните групи на двете влади досега не доведе до конкретни резултати, информираат уште од ГЕРБ.

- Реклама -