Екс-премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување на „Еден на еден“ на Канал 5 говореше за своето детство поминато во родното Муртино и раните денови поминати во ова село.
„Јас до 1993-та година одев да копам на нивата во Муртино, моето родно место. Тогаш се вадеа пари доста од земјоделието и тоа се продаваше на пазарите во Србија, Босна. Поминав 4-5 години на пазарите низ Србија, го продавав родот. Кога се вратив од студиите во Скопје, бев магационер една година во фирмите на мојата фамилија. Па истоварав половина шлепер, тоа е убаво искуство. Јас велам, не мора веднаш директор да се стане“, истакна Заев.
На целата македонска јавност и беше чудно што тогашниот премиер Зоран Заев не е присутен на инаугирацијата на новоизбраниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски.
Заев во гостувањето на „Еден на еден“ кај Жарко Димитриоски ја откри причината за таа ситуација.
„Се собравме неколку другари и со моторите, без жени, заминавме до замокот на Дракула во Романија. За жал, тогаш се погоди да биде инаугирацијата на Пендаровски, се надевам не ми се лути. Па мораше да снимиме изјава, а едвај најдовме кошула да ја завршиме работата. Луѓето мислеа дека сме скарани, а јас на Пендаровски подоцна му кажав што се случило“, рече Заев.