Заев и Ципрас повикаа да се почитува Договорот од Преспа и ѝ порачаа на ЕУ да води активни политики за европската перспектива на Западен Балкан

Ципрас за Договорот од Преспа посочи дека е модел за решавање на споровите „бидејќи докажува дека постои пат за заемно прифатливи решенија засновани на меѓународното право, со цел мирно решавање на хроничните проблеми и конфликти“. Но, додаде тој, потребно е да постојат раководства спремни да ја сносат политичката цена во корист на мирот и стабилноста и за доброто на својот народ

Поранешните премиери на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на денешната Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, уште еднаш повикаа двете земји да го почитуваат Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Поранешните премиери говореа за иднината на Европа на завршниот панел на конференцијата, кој го следеше и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, а на присутните им се обрати и поранешниот премиер на Шведска, Стефан Лорвен, како и поранешниот францускиот претседател Франсоа Оланд, кој се вклучи онлајн. 

Заев говореше за општата ситуација во Европа и во светот, осврнувајќи се на војните во Украина и во Газа и нагласи дека „со она што се случува на стариот континет, треба да сфатиме дека мирот не е нешто што ни е дадено засекогаш“.

Тој се осврна и на Западен Балкан и на Договорот од Преспа за кој рече дека е многу важно целосно да се почитува и имплементира во духот, суштината и протоколите предвидени со договорот.

Заев испрати порака до сите оние што се против договорот и од двете страни, истакнувајќи дека Македонците и Грците се дел од европскиот систем со сите европски вредности.

„Повикувам на лидерство во двете земји, актуелното во Грција и новото во Северна Македонија да покажат одговорност до нивните граѓани и нивните земји. Ги повикувам да го почитуваат она што го кажуваат, ако кажуваат дека Договорот од Преспа е реалност и ако велат дека ќе го почитуваат, тогаш навистина би требало вистински и веднаш да го сторат тоа во пракса“,

порача Заев.

Тој додаде дека заедно со Ципрас ја презеле големата одговорност за склучување на Договорот и како што посочи, ја платиле поличката цена за тоа.

Ципрас за Договорот од Преспа посочи дека е модел за решавање на споровите „бидејќи докажува дека постои пат за заемно прифатливи решенија засновани на меѓународното право, со цел мирно решавање на хроничните проблеми и конфликти“. Но, додаде тој, потребно е да постојат раководства спремни да ја сносат политичката цена во корист на мирот и стабилноста и за доброто на својот народ. 

„На сите нивоа беше потврдена важноста на Договорот од Преспа за мирот, стабилноста и заедничкиот развој во нашиот регион. Беше истакнато дека единствениот пат не само за европската иднина, туку и за иднината на Северна Македонија е почитување на Договорот. И ова е апсолутно јасна порака до новото државно-политичко раководство на нашата соседна земја – за тоа што значи прекршување на Договорот. Ова, сепак, не е доволно. ЕУ мора да ја препознае важноста на случувањата во Западен Балкан и да води активни политики за европската перспектива на регионот и да го врати моментумот што го создадовме со Договорот од Преспа“,

истакна Ципрас

Тој истакна дека Унијата мора конечно да сфати дека ако се покаже како некредибилна во однос на своето ветување во Западен Балкан, тогаш нема да има кредибилитет како меѓународна геополитичка сила вон ЕУ.

„ЕУ мора јасно да им стави до знаење на сите земји во регионот дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот, дека жртвите се наградуваат, а не се игнорираат цинично, како што беше случајот со Северна Македонија“,

порача Ципрас. 

На ЕУ перспективата на регионот се осврна и поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, од аспект на порастот на радикалната десница во Европа, истакнувајќи дека нема да биде многу позитивна за проширувањето.

Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, во организација на „Фондацијата Заев“ и „Институтот Алексис Ципрас“ започна вчера. 

- Реклама -