По повод 18 август – Денот на Армијата, претседателот на СДСМ – Зоран Заев, испрати честитка до припадниците на Армијата и до сите граѓани.
„На сите припадници на Армијата и на сите граѓани им го честитам 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.
Она што пред 77 години, во 1943 година со формирањето на батаљонот ‘Мирче Ацев’ беше пркос, храброст и визија за сопствена држава и Армија, денес е реалност.
Денес, нашата Армија е рамноправен дел од најсилниот воено безбедносен сојуз, а нашите војници, рамо до рамо со 29-те армии кои се дел од НАТО Алијансата.
Со членството во НАТО, денес се обезбедени нашата стабилност и безбедност, нашиот територијален интегритет, а нашите граници се трајно се осигурани. Денес, припадниците на нашата Армија се гаранти и на регионалниот и светскиот мир и стабилност.
На сите припадници на Армијата им упатувам искрена благодарност за храброста, посветеноста, професионалноста и несебичниот ангажман кои го даваат во заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава и сите нејзини граѓани.
Нека е честит 18 август – Денот на Армијата“, порачува Заев во честитката.