Никола Груевски во Будимпешта е сместен кај пријатели и таму е сместен како нивен гостин. Само првите два-три дена ги поминал во хотел, по што на нивен предлог се преселил кај нив. Груевски сé уште не знае до кога ќе остане кај своите домаќини и во меѓувреме разгледува апартмани за изнајмување, но задоволен е од моменталниот престој, а и домаќините инсистираат да остане подолго, открива лице блиско до Никола Груевски во интервју за „Инфомакс“.
Лицето неодамна било во Будимпешта, каде неколку дена се дружело со азилантот Груевски, но сака да остане анонимно, пишува порталот, бидејќи не сака да има проблеми на работното место како што наводно имаат Александар Трајковски и другиот вработен во Царинска управа кои пред извесно време беа фотографирани во друштво на Груевски во Будимпешта. Според „Инфомакс“, Трајковски е преместен на позиција магационер во гаража под Вардар – што директно му ги влошува здравствените проблеми (поради кои наводно беше во Унгарија), додека другиот гостин е преместен на позиција со многу пониска плата.
Анонимниот соговорник со Груевски зборувал и за „оркестрираната лажна пропаганда од еден центар“ со која се создава „лажна и негативна слика“ за екс-премиерот, при што голем број негови политички противници оценуваат дека тој избегал од правдата:
„Од каква правда сум избегал кога никогаш не сум отсуствувал од рочиште во суд? Заминав кога судот ги погази сите можни принципи и закони и ми упати покана за 2 годишен затвор за нешто каде воопшто немам никаков прекршок, па по добивање на информации според кои се подготвува моја ликвидација во затворот решив да заминам за да привремено да се засолнам“, коментирал наводно Груевски.
Од разговорите со него било јасно дека тој во Унгарија заминал за времено да се засолни од политичкиот прогон и нарачаното од владата негово ставање во зaтвop, оценува соговорникот на „Инфомакс“. Нему Груевски му открил и разни подробности од зaкaнувaчките информации кои ги добил пред неговото бегство од Македонија, но соговорникот не ги открива бидејќи смета дека се работи за чувствителни информации.
Груевски, тврди соговорникот, му открил и дека пред да се пуштат обвиненијата од СЈО, СЈО му понудило да стане нивни соработник и да им даде корисни информации за барем неколку негови соработници, пред сé Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Гордана Јанкуловска и уште два-три други, додека за возврат му била ветена лична заштита од истото тоа СЈО. Груевски наводно ја одбил наводната понуда, со образложение дека не сака да им помогне во планот невини луѓе да ги прават виновни. Напротив, Груевски бил видно резигниран околу актуелните притвори за дел од наведените, оценувајќи ги како очигледно политички нарачани и мотивирани процеси.
Груевски прокоментирал и за шпекулациите дека неговото бегство е договорена работа и било помогнато од Заев и владата:
„Заев да може би ме удавил во капка вода, а не пак да ми помогне да ја напуштам земјата“.
За ова, како и за многу повеќе (непотврдени!) детали околу Груевски и како изгледа неговиот престој во Унгарија, прочитајте во целосното интервју на „Инфомакс“.