Симболично, со марш низ централните градски улици, подарување цвеќе и пораки на транспаренти Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар се приклучи во Меѓународната кампања 16 дена активизам против насилство врз жените.
Својата активност ја организираа под мотото „Заедно за тебе, стоп за удари и навреди“. Како што рекоа целта е да се крене гласот против насилството, да се поттикнат жените да зборуваат за проблемот, да побараат помош и поддршка и да ги потсетат дека треба да се чувствуваат како цвет и да бидат негувани, сакани и почитувани, а не да трпат навреди и удари.
„Излегуваме на марш симболично во портокалова боја, а портокаловите цветови се како синоним дека наместо навреди, удари, понижување на жените, тие треба да добиваат убави зборови и почит, затоа што жената треба да потсетува на цвет. Даваме поддршка, поттик до секоја жена, да не молчи, да го пријави семејното насилство, нејзините маки, страдања да неостанат во четири ѕида, стоиме задсекоја жена, да биде храбра да го каже својот глас и да каже стоп за насилството. Насилството не го трпи само жената туку и децата, а со текот на времето детето кое е сведок на насилство може кога ќе порасне и тоа да стане и насилник. Целта ни е барем малку да допреме до оние коишто страдаат, имаат мака, да кажеме стоп и да им дадаме поддршка.“, изјави Анета Ќироска, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека особено им е драго што одбележувањето се совпаѓа со денешниот православен празник:
„Драго ни е што активноста ја правиме на 4-ти декември, кога е убав празник Света Пречиста Богородица, токму Богородица е заштитничка на жените, ја имавме таа среќа токму овој ден да биде посебен за нас“.
Цвеќиња им беа подарени и на сопартијците мажи кои ја поддржаа активноста, симболично како потсетување за машкиот пол дека жените треба да ги негуваат со внимание, љубов и почит.