Ново писмо од притвор, со кое поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева бара средства од „заедничкиот фонд“ за црни денови на СЈО, за да ги користи за својата одбрана во случајот „Рекет“, навистина било испратено до седиштето на Специјалното јавно обвинителство, потврдуваат обвинители за неколку медиуми. Меѓутоа, тие, се чини, имаат различни ставови околу барањето на Јанева.
Обвинителите со кои разговарал „Фокус“, на пример, се затекнати од барањето на Јанева и откриваат дека досега парите од фондот се користеле за разни цели, од кои дел и немаат врска со институцијата, како свадби и прослави.
За „Дојче веле“, пак, обвинители тврдат дека нема ништо спорно во тоа што Јанева бара средства во фондот. Како што објаснуваат, тој фонд постои најмалку две-три години и во него сите вработени одвојувале одредена сума од своите месечни примања – обвинителите по 3.000 денари, а вработените по 1.000, пари кои се трошеле за лекување и слични приватни цели, но главно за потребите на институцијата – како набавка или поправка на клима уреди, хард дискови и слично. Со фондот раководела токму Јанева, која ги одобрувала барањата на вработените за користење на средства, а парите ги исплаќал благајник. Оттаму, обвинителите кои зборувале со „Дојче веле“ сметаат дека средствата од фондот треба да се вратат и да се распределат на сите вработени, вклучително и на Јанева, без оглед дали таа ги побарала или не. Во фондот нема ништо спорно, категорични се тие, но затоа го истакнуваат проблемот со обвинителите и вработените на СЈО, кои се во незавидна позиција. Прочитајте ТУКА.