Информациите што Владата ги добива од различни истражувања велат дека само половина од населението во државата е подготвено да се вакцинира, откри националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата – Марјан Забрчанец, во разговор за телевизија „Тера“.
„Тоа подразбира дека мораме да ја интензивираме комуникацијата, едукацијата и информираноста на населението, што подразбира нужна потреба од кампања од јавен интерес, едукативна и информативна, којашто во никој случај не смее и не може да биде политичка, ни идеолошка, бидејќи вирусот не бира ни по раса, ни по вера, ни по политичка припадност“, посочи тој.
Според Забрчанец, праксата од минатото на претходната власт – на злоупотреба и трошење на милиони од парите на граѓаните под превезот на владино рекламирање, а со цел да корумпира медиуми – не постои повеќе.
„Не е исто дали ќе одите со кампања против абортус, која, би рекол, го дели народот идеолошки, или ќе водите кампања за вакцинација од ковид, која де факто спасува животи на сите“, посочи тој.
Тој додаде дека власта во член 102 од Законот за АВМ ќе предложи измена која предвидува дефинирање на исклучок од забраната, со цел да може да се предвидат средства од буџетот за да се информираат граѓаните во случај на потреба на заштита на јавно здравје, заштита на безбедноста или други теми од висок јавен интерес. Како примери за такви теми, Забрчанец ги посочи пописот, борбата против корупцијата, и слични.
Истовремено, ПР координаторот на Владата потенцира дека и со предложените измени ќе остане на сила забраната за владино себерекламирање и за политички кампањи што го делат народот.
„Во предлогот има два клучни заштитни механизми, и тоа формирање независна комисија, тело кое што ќе дава мислење дали одредена тема е од јавен интерес или не, да не ни текне нам ни на некоја идна влада да си прави кампањи за сѐ и сешто како што беше примерот со претходните. Вториот заштитен механизам е распределбата на буџетските средства, која нема да ја прави владата, туку софтвер со точно утврдени критериуми, кој клуч за распределба може да го администрира и оперира кој било субјект, нека бидат тоа новинарските здруженија.
Потенцираме дека по предлогот што го дефинираме, ќе следат состаноци со сите здруженија, медиумски работници, сите заинтересирани, а заштитните механизми ќе се проверат со Венецијанската комисија“, нагласи Забрчанец.