Националниот координатор за стратегиски комуникации на Владата – Марјан Забрчанец, не смета дека власта употребува преголем или несоодветно силен ПР. Според него, точно е спротивното – дека поради умерен ПР (меѓу другото), на многу од успесите на Владата им се заканува заборав.
„Напротив, дури и мислам дека многу од успесите на Владата и на државата се под ризик да останат во заборав заради динамичното време во кое живееме, заради предизвиците (како пандемијата) кои ги променија интересите и приоритетите на граѓаните и, секако, поради тоа што власта нема намера со декрет и со контрола да се себерекламира како што тоа го правеше Груевски и за што трошеше милиони евра народни пари“, вели Забрчанец во интервју за „Слободен печат“ по повод Светскиот ден на слобода на медиумите.
Тој посочува дека граѓаните не треба да бараат Владата и ПР-от кои, како што вели, ги отворија институциите и воведоа досега највисок степен на транспарентност – да не ги комуницираат позитивните промени во нашата држава.
„Нема корист ако ги забораваме позитивните промени, тие треба да ни се инспирација за нови натамошни реформи“, потенцира Забрчанец во интервјуто.