Некои штрајкуваат, други одржаа настава. Тоа е сликата на училиштата во земјава на првиот училишен ден од учебната 2019/2020. Родителите главно ги поддржуваат наставниците и професорите во својата борба за достоинствена плата, но истовремено и не им се допаѓа тоа што СОНК и пред сè, Министерството за образование, дозволија да се стави дамка на првиот училишен ден. Најразочарани, секако, се првачињата и нивните родители.
Од друга страна се оние што сметаат дека нема потреба за штрајк. Меѓу нив и советникот за односи со јавност на премиерот Зоран Заев – Марјан Забрчанец. Според неговиот Фејсбук пост објавен синоќа, на Забрчанец му е нејасно зошто се штрајкува во ситуација кога, како што вели, платите растат:
Одговор Забрчанец доби, и тоа во форма на отворено писмо од професорката Симона Петковска Илиеска, професор по филозофија и наставник по Етика и Граѓанско образование во Основото училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпош. Таа му порача дека сите досегашни влади се „заслужни“ за урнисувањето на образованието и дека истото ќе остане на дното сè додека политиката не биде тргната надвор од училиштата. Писмото, објавено на ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија), оди вака:
„Во ситуација на екстремно поделено синдикално членство, кога голем број наставници се надвор од единствениот репрезентативен синдикат, штрајкот на просветните работници е само фарса.
СОНК никогаш чесно не ги застапувал интересите на професорската фела. Секогаш, во последен момент успевал да се „договори“ со власта (која и да е) за наводен достоинствен третман на наставниците. Така, сите досегашни обиди за штрајк пропаѓале со договор за кој наставниците ништо не знаеле.
СОНК, со овој претседател нема кредибилитет и тоа е факт. Затоа и огромната разочараност на фелата во овој синдикат, до степен на целосно пасивизирање и пуштање работите сами да се тркалаат.
Како просветен работник засегнат за иднината на ова, можеби најважно прашање за иднината на оваа земја особено ме заинтригира ставот на портпаролот на Владата, Маријан Забрчанец.
Го читам како се прашува… ‘која била причината децата да cтpaдаат’ (мислејќи при тоа на штрајкот на првиот училишен ден), ‘додека растат платите во образованието’.
Да му одговорам, истовремено размислувајќи дали го читам Протогер од пред неколку години или оној млад полетен борец за граѓански права“… Целото писмо прочитајте го ТУКА.