Во 2017-та, во време кога на планетава има над 3.7 милијарди интернет корисници кои со само 2-3 клика можат да залутаат по порно страните и да наидат на нешта што никогаш не би им текнале (благо перверзни или болни, сеедно), Велика Британија забрани еротски роман напишан во 1748 година. Се работи за „Memoirs of a Woman of Pleasure“ (попознат како „Fanny Hill“) на Џон Клиленд. Се смета за првата англиска порнографија во проза и прв ваков еротски роман.
Во романот се зборува за сексуалните подвизи на млади девојки, ама по сé изгледа описите се премногу сочни за денешнава младина да може да ги поднесе, иако е нон-стоп бомбардирана со голотија и секс (во сите комбинации и варијанти). Токму тоа и се наведува како главната причина за забраната на романот – дека може да ги вознемири студентите.
Романот, поради содржината, е забранет и пред ~270 години кога првично беше објавен. Тогаш го забранил бискупот на Лондон, со аргумент дека „тоа е најразвратното нешто што некогаш го прочитал“. Забраната е укината во 1970 година, а романот стана достапен и користен како литература на универзитетите. Во 2007-ма BBC направи и ТВ адаптација во форма на мини-серија.
Оваа денешнава забрана, пак, е на иницијатива на експертката за книжевност од 18-ти век – Џудит Ховил, од универзитетот во Лондон. Нормално, не сите се согласуваат со неа.
„Помислата дека младите мажи и жени треба да се заштитат од читање е трагична“, вели професорот Френк Фуреди од универзитетот во Кент.
Џудит Ховил можеби е експерт по книжевност од 18-ти век, ама дефинитивно не знае многу за човечката психологија и дека „забранетото овошје е најслатко“. Иако најзабрануван, Fanny Hill низ годините стигна и меѓу најпопуларните англиски романи, а луѓето отсекогаш наоѓаа начини да се докачат до копија. Забраната по иницијатива на професорката може да го направи само попопуларен, особено што го наметнува прашањето што е тоа толку „сочно“ во романот што во денешно време го немаме видено и ја скокотка љубопитноста, и особено што е достапен дури и на YouTube во форма на аудио книга во јавна сопственост. Можеби Џудит е скриен генијалец и баш тоа го сака – што повеќе луѓе да го прочитаат. Во спротивно, ова е само уште еден од случаите кога решението го влошува „проблемот“, како и во многу други примери на цензура.