Сосема логично, во земјата на слободните, каде што веројатно уште во јавните тоалети нема детектори за метал, во најновиот бран од борбата против тероризмот, ќе се забранат костимите од Бетмен, со кои децата одат на кино. Автоматското огнено оружје и натаму ќе им остане достапно на сите.
Откако психопатот облечен како лик од универзумот на Бетмен влета на првото прикажување на The Dark Knight Rises во Аурора, Колорадо и започна да пука во публиката, убивајќи и ранувајќи огромен број недолжни луѓе, во САД започна да се говори за менување на политиката на кино-комплексите, т.е. забрана на сите видови костими, филмски реквизити, пластично оружје и сл.
Одењето на кино во САД е цела една култура. Одредени фанови, а особено децата, сакаат да се облекуваат како своите омилени јунаци и на тој начин да се соживеат со приказните. Сега, веќе се зборува за забрана во целата држава, а кино-комплексите AMC веќе ја воведоа новата политика, со образложение дека сакаат да направат оние што веќе купиле билети да се чувствуваат побезбедно.
Од друга страна, нема ниту збор дека ќе се заострат законите за продажба и поседување на огнено оружје, особено за автоматските пушки. Како што пиша Џери Такреј на Твитер: „Костимите од Бетмен сега се забранети во САД. Затоа што (сите заедно) пиштолите не убиваат луѓе. Костимите од Бетмен убиваат луѓе“.
Останува само прашање на време кога медиумите повторно ќе имаат шанса некој масовен убиец да претворат во ѕвезда, да го анализираат неговото „тешко“ детство, да ја интервјуираат мајка му, да му посветат внимание повеќе од сите филантропи заедно, при тоа инспирирајќи цела нова генерација психопати да тргнат по стапките на „Џокерот“. Тогаш веројатно ќе се забрани возење автомобили или пак купување сувенири во четврток. И сè така до следниот пат…