Непотребно се создава атмосфера на паника дека се брише предметот историја, сметаат од ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски. Според нив, од самиот концепт на МОН се гледа дека „историјата како предмет останува и се поврзува со географијата“. Како што велат од партијата, така функционира образовниот систем во најголемиот дел од Европа, а исклучок не е ниту Македонија, особено во приватните училишта, каде таа комбинација се нарекува „Social Studies“ или општествени науки.
Од друга страна, ВМРО-Народна се противи на предлогот за вклучување на предметот јога во македонскиот образовен систем. Како што се наведува во соопштението, јогата не е само физичко вежбање, туку јогата има и религиозно значење при што поединецот се поврзува со хиндуистичките божества. Со воведувањето на овој предмет, сметаат од партијата, ќе се наруши секуларизмот во образованието, а можно е и да дојде до повреда на религиските чувства на двете најголеми религиозни заедници во државата – христијанската и исламската.