За цигарите и Стивен Кинг: Исповед на поранешен пушач

smoking[1]

Имав неколку обиди на суво. Одлично се сеќавам. Буричкав во џебот од палтото или панталоните на татко ми, ја наоѓав кутијата со цигари, проверував колку цигари има, земав една, ја помирисував, ја ставав во устата, со очи ококорени од страв заради чувството дека правам нешто забрането и дека ете баш сега ќе бидам фатен. Се сеќавам како ја враќав цигарата назад. Се сеќавам на борбата со самиот себе.

Чувството дека сакам да сум голем – како татко ми, како батко ми, како дедо ми, дека сакам да сум како нив – да можам после јадење да си запалам цигара, или пред јадење, или кога сакам.

Летниот одмор меѓу втори и трети клас

Крадам цигара, минатиот ден украдов и кибрит од кутијата со кибрити, и го сокрив до една грмушка во дворот на старото училиште. Одам од дома кон училиштето и убеден сум дека на челото ми пишува крадец, срцето ми чука силно до прснување, ама навистина многу сакам да пушам.

Стигнувам, ја вадам цигарата од џеб, смачкана е, го наоѓам кибритот, клекнувам до едно дрво, гледам наоколу, го палам чкорчето и… О, чудо! На седмо небо сум од среќа. Вкусот на тутунов дим ми го исполнува грлото, голтам малку од него, многу издишувам. Не кашлам. Слатко ми е, вкусно ми е, миризливо ми е. Сакам уште. Цигарата завршува брзо. Неосетно.

Вистинскиот проблем е дека рацете ми мирисаат на тутун, и дома може да ме намирисаат. Кубам трева, ги тријам прстите од кората на дрвото, наоѓам ореови лисја, ги мачкам и не ми текнува дека здивот ми мириса на тутун. Ме фаќа батко ми, ме трга настрана и ми вели да не учам од него, дека тоа што го прави тој е штетно, отровно, и да почекам да пораснам.

Почекав додека стигнав до седмо одделение, и на еден летен излет не издржав – со парите што ми беа дадени за ручек, купив кутија цигари. Убава кутија – мека, сјајна, виолетово пакување, сто милиметарски цигари, марка Summer.

Се чувствував голем, и специјален, и ги нарушував нормите, и бев во заговор со соученичка ми Бистра. Таа купи кутија БеТе. Страв ни беше. Еден ден, и моите и нејзините цигари стоеја кај мене, со целиот ризик да бидам фатен, друг ден – кај неа. Вкусот уште беше убав, но не беше така одличен како оној ден на лулашката.

Решив дека е до цигарите и почнав да го барам во други марки. Не го најдов, но и не се откажав.

Мислам дека нема марка цигари на што не сум ја пробал. Кратки, долги, со филтер, без филтер, во кутија, во пакет, ментол, во боја, по десет во кутија, по дваесет, дури по дваесет и пет.

Не престанав дури ни кога татко ми дозна и ми рече дека нема да ми дава пари за ручек, а јас му одговорив дека тоа е добро, нека штеди, бидејќи по еден месец, кога ќе умрам од глад, ќе му требаат пари за ковчег. Не престанав и кога лекарите се сомневаа околу една дамка на белиот ми дроб, тогаш истовремено си ставав инекција пеницилин (во селото во кое живеев немаше доктор преку викенд) и пушев.

Тоа, пушењето, за мене никогаш не беше пушење. Беше ритуал

Беше магија, беше споделување. Со пушењето го поврзувам првиот бакнеж, првиот несподелен љубовен трепет, вечниот недостаток на пари, кој наложуваше со пријателите да делиме цигари, да ја делиме последната цигара. За секој одличен секс, по кој палиш цигара, нема воопшто ни да зборувам. За ќеифот од комбинацијата кафе – цигара исто така ни збор. Со пушењето ја поврзувам студената зима во 1997 година, кога бев војник. Тогаш државата банкротираше, националната валута девалвираше, банките се затвораа една по друга, а со пријателите војници – бевме тројца – ја дадовме секој својата месечна плата и купивме вкупно една штека цигари “Мелник”. Со денови немавме пушено ништо, немавме ни пикавци. Ја отворивме штеката и внатре најдовме дваесет долги филтери.

Кој и да ги редел, наредил само филтри со големина на цигара, фабрички. Имаше само хартија и памук. Ниту гранче тутун. Мислам дека тогаш бевме олицетворение на човечката несреќа. Цената на цигарите никогаш не ме спречувала, ниту знаењето дека се штетни, ниту неубавите слики, ништо.

Се лишував од многу нешта, за да пушам. Мој избор. Ги прекинав од страв. За самиот себе

Се сеќавам на таа февруарска вечер во бањата во “Студентскиот град” за време на зимската сесија. Бев настинат, и бев препушен. Мислев т.е. бев сигурен дека умирам. Повраќав на колена пред шолјата, ме облеваше ладна пот, а сè што излегуваше од мене имаше вкус и мирис на тутун. Тогаш си реков дека ако оживеам, нема никогаш повеќе да пушам. Си реков дека ако има Бог и тој не дозволи да скинам конци таму на колена, излигавен и смрдлив – крај на пушењето. Тој си го исполни зборот, ако ме слушна тогаш. Беше мој ред. Збунувачко е, особено во почетокот – бев нервозен, груб, се карав со сите за сè, јадев како свиња, џвакав мастики, моливи, сè што ќе најдам.

Не пиев кафе, качив над десет килограми, кашлав, хрчев, се будев ноќе, сонував огромни цигари кои светат во темницата над мојот кревет…

Тогаш сфатив дека сум од тие повиканите да го спасам светот. Ако сакам. Само треба да запалам. Тоа ми го кажа самиот Стивен Кинг во својот расказ „The Ten O’Clock People“

Во расказот, од сите жители на Земјата, само пушачите што се обидуваат да се одвикнат и палат само по една цигара наутро со кафе (оттаму и „луѓето од 10 часот наутро“), оваа безволна група луѓе, имаат таков хемиски дисбаланс што им им дава моќ да видат дека многу од луѓето на високите позиции во власта, во полицијата, на телевизија, се всушност вонземски чудовишта кои се преправени како луѓе и ги населуваат телата на убиените човечки суштества. И тргнуваат во војна.

Се искушував да пропушам. Издржав. Наоѓав сили да велам „не“

Почнав да пушам на тринаесет години, пушев тринаесет години и веќе тринаесет години не пушам. Девојка ми пуши. Можете да замислите до какви нивоа на разговор се стигнува кога сме дома. Вистината е дека ми се пуши. Секој еден ден. Сега – исто така, додека пишувам, додека пијам кафе, по ручек, по секс, по чаша вино. Секој еден ден. Не палам, се искушувам на таа моја желба да гледам како на игра.

Секогаш имам цигара со себе. Нова, незапалена. Ја држам во рака, приближувам чкорче, го запалувам. Тегнам од цигарата, незапалена, вдишувам, голтам, издишувам. Ми олеснува. За кратко. Се лажеме со мојата желба. Таа ме лаже дека си заминала, јас ја лажам дека ѝ се предавам. Ја играме оваа игра толку долго што сме си станале предвидливи. Мојата желба, сепак, знае дека е тука и дека нема да си отиде, но дека е победена.

- Реклама -