Пишувајќи за вчерашната историска посета на Алексис Ципрас на Северна Македонија, во која за првпат грчки премиер ја посети земјава од нејзината независност наваму, њујоршкиот неделник „Time“ премиерот Зоран Заев го нарече „северномакедонски“.
„Грчкиот и Северномакедонскиот премиер позираат за историско селфи по крајот на 30-годишниот спор околу името“, пишува „Time“ во насловот, за потоа во текстот, откако можеби по добиена реакција грешката во меѓувреме била поправена, Зоран Заев да го посочи како „македонски“ премиер.
Ваквите придавки, од типот на „северномакедонски“, но и „македонски“, кога се однесува на државата, не се во согласност со Преспанскиот договор, а од Министерството за надворешни работи најавија дека ќе реагираат на секоја таква употреба. Според Преспанскиот, коректната форма, наместо „северномакедонски“, би била „на (Република) Северна Македонија“.