За пребрзо возење во Естонија добивате и нешто друго освен казната

Естонија има богата мрежа од сообраќајни и камери за мерење на брзината на возилата по естонските патишта, па со самото тоа што во голема мера ги регистрира, земјата е во врвот на европските статистики по пребрзо возење. Затоа пак, годишно се казнуваат меѓу 12 и 15% од вкупниот број возачи.

Се разбира, секогаш може и подобро, а естонската сообраќајна полиција активно работи на намалување на бројот на возачи кои ги надминуваат дозволените брзини. Во таквата кампања, најновото оружје на естонските сообраќајци се флаерите за донирање на органи. Имено, со секоја казна за пребрзо возење, добивате и флаер кој ве поттикнува и ви нуди информации за тоа каде да се пријавите да ги понудите вашите органи за трансплантација по вашата (можеби иминентна, ако возите пребрзо) смрт.

„Се разбира, не очекуваме дека ваквата кампања ќе го зголеми бројот на донирани органи, но секако очекуваме дека возачите дополнително ќе ги примораме да подразмислат и да ја тргнат ногата од педалата за гас“, вели Андрес Синимери – шеф на сообраќајната полиција во естонскиот град Парну.

„Доаѓа зима и патиштата стануваат лизгави, а во такви услови брзината убива“, предупредува тој, посочувајќи дека и тајмингот на кампањата не е случаен.

И возачите сметаат дека кампањата ќе влијае барем на дел од нив да станат посвесни околу тоа во што се впуштаат кога возат со брзини над дозволените или несоодветни за условите на патот. „Добра идеја“, вели дури и еден од „уловените“ од сообраќајната полиција.

 

- Реклама -