Италијанскиот град Болоња се обидува да ги мотивира луѓето што помалку да користат автомобили преку систем на наградување, а не казнување. Целта, секако, е борба и намалување на аерозагадувањето. Сите оние кои ќе изберат велосипед или едноставно ќе пешачат, во замена за своето незагадување од градот добиваат гратиси и попусти за разни добра и услуги.
„Прв пат успеавме да ги вклучиме сите луѓе во борбата против загадувањето. Секој може да го замени својот автомобил со велосипед или пешачење, за што ќе биде награден“, вели Марко Амадори – урбанистичкиот планер кој воедно е и „умот“ зад ваквата програма на мотивација, изработена во 2017-та за движењето низ градот да го направи попривлечно.
Програмата, наречена „Bella Mossa“ („Good Job“) трае шест месеци во текот на годината, а е финансирана од ЕУ и локалната власт. Истовремено, сé повеќе локални бизниси се вклучуваат во акцијата и нудат одредени попусти и гратиси во замена за поени.
Тие кои сакаат да се дел од програмата, пред сé треба да инсталираат соодветна апликација наречена „Better points“, која го следи нивното движење и начинот на транспорт. Корисникот добива поени за секое „зелено“ патување, а не врз основа на поминати километри, затоа што, како што вели Амадори, дури и кратките патувања од 1 километар е важно да бидат одржливи, т.е. да не ѝ наштетуваат на околината. Поените можете да ги замените за разни продукти и услуги во некој од бизнисите кои соработуваат со градот и се вклучени во програмата; пиво во некој од локалите, сладолед во некоја од слаткарниците, билети за некоја кинопроекција и сл. Освен тоа, апликацијата ве известува и од колку CO2 сте ја поштедиле животната средина со секое ваше патување.
Има ли ефект?
Само во првите три месеци од годинава, повеќе од 10.000 граѓани (Болоња има околу 389.000 жители) се пријавиле на апликацијата, а меѓу учесниците одамна се развива и „ривалство“ околу тоа кој ќе освои најмногу поени. Минатата година апликацијата регистрирала 3.7 милиони одржливо поминати километри само во Болоња. Доделени и искористени биле над 16.000 ваучери.