За нацистите и нивниот „интерес“ за окултизмот

naziufoantarctica[1]

Во петата епизода од втората сезона на Ancient Aliens, беше поставено важно и дотогаш прилично игнорирано прашање: „Дали древната технологија на вонземјаните од далечното минато му ја даде на Хитлер практично недостижната предност во Втората светска војна?“. Епизодата се бави со „опсесивниот“ став на Хитлер кон „античката митологија“ и „окултизмот“, и доаѓа до заклучок дека Фирерот можеби изградил и времеплов. Авторите слободно занемаруваат колку многу таквата претпоставка е логички растегната и неверојатна, па ја користат како основа за понатамошните заклучоци околу нацистичкиот врв и за неговата посветеност на „прастарите технологии“.

Не мора човек да верува дека нацистите всушност патувале низ времето за да биде заинтересиран околу нивниот историски документиран интерес кон окултното, кој и ден денес ги буди фантазиите на љубителите на мистериите. А тој нивни интерес е повеќе факт за нацистичкото лицемерие – тие законски ги гонеле окултистите – отколку што е потврда за нивните вонземски достигнувања. Пред некое време, медиумите со задоволство ја пренесоа веста за откривањето на „ретко видена архива од книги околу вештерките и окултизмот“ во чешката библиотека. Дел од таа архива, како што вели веста, е составена лично од Хајнрих Химлер – челникот на SS, кој за овие теми бил живо заинтересиран (имал теорија според која прогонот на вештерките од страна на католичката црква бил завера за уништување на германската раса). Некои од текстовите на норвешки јазик се од масонско потекло, а се претпоставува дека во прашање се фрагменти од Химлеровата таканаречена „вештерска библиотека“.

Питер Стоденмајер – асистент на катедрата за современа германска историја на универзитетот Маркет и автор на книгата „Од окултизмот до нацизмот“, не покажува многу ентузијазам по однос на можните импликации од новонајдената архива. „Не знам што да речам. Накратко, мислам дека медиумското внимание е претерано и неосновано“. Според него, веќе долги години се знае дека тој материјал бил собиран кон крајот на 30-тите и почетокот на 40-тите. Со години се знае и дека голем дел од тие материјале исчезнале за време на војната. Тоа што никој не знаеше е што всушност е уништено, а што ќе биде одново најдено, сега или подоцна. Како и да е, сосема е очекувано такво нешто да искрсне во Прага. Прага е еден од „чворовите“ каде нацистите ја насобирале таквата литература.

А сите тие книги не се само од Германија, туку од сите окупирани земји. „Затоа има и доста на норвешки“. Сепак, во архивата има и книги од територијата на Германија. „Една од гранките наZiherhajtsdinsta (SD) – разузнавачката служба на SS, работела на разни истражувања и водела евиденција за државните непријатели и слично. Едно од тие SS бироа внимавало на слободните ѕидари и окултистите – практично сите тајни друштва беа ставени на куп; можеби тоа и нема многу смисла, ама имало за нацистите. Така, секогаш кога ќе затвореле одредено друштво, SD ќе го конфискувала целиот откриен материјал. Ги запленувале целите архиви, библиотеки, сé што имале. Потоа сé тоа некаде ќе го спакувале. До крајот на војната, веќе не се знаело што и каде чувале“.

nazziocultism

Во поглед на конфузијата што постои околу тоа дека нацистите и самите верувале во сите тие нешта, Стоденмајер има потполно спротивен став. Според него, точно е дека нацистите ги собирале сите тие окултни книги, но не затоа што верувале во нив. Главната причина била што одредени државни ограноци од власта сметале дека тие окултни групации претставуваат опасност по државата – затоа што се посветени на својата идеологија, своите ритуали и слично. Нацистите всушност ги третирале таквите друштва како непријатели, иако во многу случаи немало причина за такво нешто. Некои од тие групи биле многу националистички настроени и дури и ги поддржувале нацистите, но ни тоа не било доволно за да бидат поштедени. Што се однесувало до SD, сите што биле припадници на масонските ложи или окултните групи, завршувале на црната листа. Службата се обидувала да ги следи сите нивни активности и да го заплени целиот нивен материјал. Така, Стоденмајер смета дека популарното мислење дека нацистите верувале во окултното и затоа ги собирале овие материјали, е една голема заблуда. Вистината е дека тоа се материјали што биле запленети од нивните наводни непријатели.

Питер смета дека конфузијата можеби потекнува од тоа што во текстовите овие складирачки архиви често се ословени како „библиотеки“. „Тоа се повеќе складишта, отколку библиотеки. Но тоа и не е така чудно. Сте биле ли некогаш во библиотеката на њујоршката Петта авенија? Кога таму барате некоја книга, често се случува да ја немаат на таа локација туку мораат да ја доведат од Џерси, од некој склад. Многу од библиотеките често ги складираат своите постари материјали на разни места, тоа е вообичаена пракса. Верувам дека и овде станува збор за нешто слично“.

Што се однесува до поединци од национал-социјалистичката партија кои верувале и биле заинтересирани за окултизмот, Стоденмајер не може да не се согласи. „О да, секогаш сите се фаќаат за Химлер. Малку е незгодно. Ќе беше лесно да можам да го порекнам и тој дел, да речам дека и тоа се глупости, ама не се“. Тој потврдува дека Химлер лично бил многу заинтересиран за вештерството. Го привлекувале сите видови на необичен спиритуализам и езотерија. Сепак, многу луѓе грешат кога ги поистоветуваат неговите лични убедувања со официјалниот став на SS како организација.

Можеби звучи чудно, но Химлер многу ретко ја споменувал таа своја заинтересираност пред другите лидери на партијата. Повеќе ја чувал за себе, веројатно од срам. Барем таква е претпоставката на Питер, без разлика дали е основана. Да, Химлер понекогаш ќе прател некој SS офицер да му ископа сé што имаат околу, на пример, вештерките од 16 век, но далеку од тоа дека SS во целина работела по тие принципи.

Веројатно токму оттаму потекнуваат сите погрешни интерпретации; многу луѓе имаат слушнато за неговата пасија – се согласува Стоденмајер. „Тоа е само зрно вистина, и тоа важно зрно. За да се сфати Химлер како личност – а бил прилично важна личност во нацистичката хиерархија – мора некако да се разбере од каде толкав голем интерес за окултните теми кај еден таков исклучително влијателен и моќен човек. Сепак, не смее да се меша неговото хоби со работата на целата SS“.

adolf-hitler-and-gestapo-head-heinrich-himmler-watching-parade-of-nazi-stormtroopers-1940-2015-david-lee-guss[1]

Што се однесува, пак, до тој негов личен интерес, може само да се насетува, а не и да се дојде до конкретни одговори. Питер Лонгериј – човекот кој ја има напишано веројатно најдобрата академска биографија на Химлер, посветува цело едно поглавје во обид да го расчлени тој окултен интерес. На крајот на поглавјето, тој крева раце, сметајќи дека сето тоа „не вреди“ и „нема смисла“, но дека фактите се факти и мора да се помириме со нив.

Стоденмајер, пак, смета дека одговорот можеби лежи во генерацијата во која Химлер пораснал. Тој бил дел од генерација што растела со впечаток дека просто немала прилика да се докаже. Биле премногу млади да се борат во Првата светска војна, растејќу во Германија во 20-тите години. Десничарите во Германија во тој период биле убедени дека земјата им се измолкнува од раце и дека оди во некој сосема несакан правец. Живееле во демократија, република – баш тоа што го мразеле. Затоа многу луѓе од Химлеровото доба станале интровертни и почнале да трагаат по некаква тајна врска која ги поврзувала со  деновите на германска слава од минатото. Во случајот на Химлер, тоа се манифестирало во интерес за езотеријата и окултизмот.

„Химлер изопачено веруваше дека мистицизмот ја докажува ариевската расна супериорност“, напиша Дејли Мејл. Стоденмајер смета дека тоа е лоша формулација на едно во суштина точно тврдење. Во главата на Химлер постоела одредена поврзаност (која нормално, ја нема во стварноста) помеѓу паганскиот, мистичен поглед на светот и наводната ариевска историја на германскиот народ. Тој на тоа гледал како две испреплетени нешта. Да, тоа било дел од личниот интерес на Химлер кон окултната литература, но Питер не смета дека било причина за собирање на сиот тој материјал кој SD го имала запленето. А во тие материјали постоела цела секција која се бавела со прогонот на вештерките во средниот век. Бидејќи Химлер сакал да создаде алтернативна верзија на германската историја, се придавало внимание и на германските цркви, кои 4 века порано пробале да ги покрстат вештерките. За Химлер тоа било една идеална ставка која можела да послужи за да се нападне црквата. Од нацистичка перспектива, тој детал бил само подобна алатка, само оружје.

- Реклама -