Во врска со законот за правична застапеност, кој условно кажано треба да го замени укинатиот „балансер“, министерот за јавна администрација вели дека постојат два начина да се донесе тоа законско решение – едниот е како дел од законите за кои во моментов се дебатира, а другиот е со изработка на нов закон
Прашање на еден политички популизам. Вака министерот за јавна администрација, од редовите на коалицискиот партнер во Владата, партијата ЗНАМ, денеска ги оцени писмата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги испрати до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави, но и до премиерот Христијан Мицкоски, а во кои изразува загриженост за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што вели, ги загрозуваат постигнувањата на Охридскиот рамковен договор и принципите на еднаквост и стабилност во државата.
Коментирајќи го потегот на лидерот на ДУИ, кој во контекст на неодамнешното укинување на „балансерот“ и најавената одлука на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците укажува на сериозните последици што ваквите одлуки можат да ги имаат по состојбите во државата, Минчев вели дека доаѓаат во период кога целата јавност сведочи на раслојувањето на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, притоа алудирајќи на излегувањето на Мендух Тачи од оваа коалиција.
Дополнително, кога станува збор за „балансерот“, министерот за јавна администрација повторува дека претставниците на ДУИ како дел од претходната влада потврдиле дека алатката за вработување во јавната администрација според етнички клуч се злоупотребува и треба да се укине.
„Јас мислам дека и од страна на премиерот и од страна на министерот за внатрешни работи досега беше кажано дека не постои опасност за нарушување на безбедноста на државата. Секако, ако таква пракса сака да се воведе за мене е неприфатлива. Јас досега повеќепати кажав дека прес-конференциите или пак тензијата којашто ја држи во општеството г. Ахмети, сега и со последниот чин на праќање на писма кон нашите европски партнери и кон Мицкоски е прашање на еден политички популизам. Затоа што минатата влада, односно претставниците на ДУИ коишто беа во минатата влада во рамките на националната стратегија од 2023 до 2030 година за реформи во јавната администрација исто така имаа донесено одлука, потврдиле дека ‘балансерот’ бил предмет на злоупотреба и дека треба да биде укинат. И од тој аспект велам дека ова е еден политички популизам, а пред сè се однесува на она коешто се случува во моментов во ДУИ, а тоа е како што гледаме и сведочи целата јавност раслојување на таа т.н. коалиција „Европски фронт“,
изјави Минчев, одговарајќи на новинарско прашање во рамките на четвртата и последна јавна дебата по работните верзии на предлог- законот за административни службеници, предлог-законот за вработените во јавниот сектор и предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, организирана од Министерството за јавна администрација со матичната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, под покровителство на Националниот демократски институт, во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.
Прашан за законот за правична застапеност кој, условно кажано, треба да го замени укинатиот „балансер“, Минчев рече дека Министерството за јавна администрација во моментов не работи на такво законско решение, а досега не видел ниту нацрт-верзија од коалицијата „Вреди“, чии претставници досега неколкупати во јавноста изјавуваа дека имаат готов предлог-закон за правична застапеност.
Според министерот, постојат два начина да се донесе тоа законско решение. Едниот е како дел од законите за кои во моментов се дебатира, а другиот е со изработка на нов закон за правична застапеност на етничките заедници кое што ќе биде разгледувано во Собранието.
„Неколку пати досега имам повторено дека со едно вакво законско решение не треба да се брза. Исто, како што правиме сега со овие три предлог-законски решенија, ги вклучуваме сите, посебно оние коишто се од академската и експертската јавност, така треба и со тоа законско решение. Нацрт-верзија јас сè уште немам видено од нашите коалициски партнери, но се надевам и знам, убеден сум и сигурен дека во Владата има политички капацитет да се најде едно законско решение коешто на крајот ќе биде пратено до Венецијанската комисија со цел да биде квалитетно, да биде спроведливо, за да не се најдеме повторно во ситуација Уставниот суд укинува одредени членови или пак одредби од постоечките законски решенија. Значи постои можност делот за правична застапеност да биде во овие закони коишто се на разгледување, но исто така постои можност да се оди со посебно законско решение коешто ќе биде разгледувано во Собранието“,
рече министерот за јавна администрација.
Одговарајќи на друго прашање во истиот контекст, Минчев рече дека во Министерството со кое раководи сè уште не е формирана работна група за подготовка на закон за правична застапеност и повтори оти е сигурен дека Владата има политички капацитет и можност да се дојде до едно сериозно, системско и квалитетно решение.
„Повторувам, не треба да се брза, затоа што ние сме имале ситуации и кога од 2001 до 2015 година не постоел ‘балансер’, но уставната категорија, правичната застапеност на етничките заедници се имплементирала. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, јас мислам дека ќе се оди кон ново законско решение“,
рече министерот за јавна администрација Горан Минчев.