За Мицкоски, Преспанскиот договор е реалност, а Договорот со Бугарија може да се репреговара со додавање предлог што ќе ги содржи македонските барања

„Ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“, рече Мицкоски

Преспанскиот договор е реалност и тој е дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран со додавањето на т.н. француски предлог, поради што не гледам причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, дека нема одново преговори за Преспа ниту, пак, со Бугарија за напредокот кон ЕУ.

„Што се однесува до Преспа, ние уште пред многу години го имаме кажано нашиот став, а тоа е дека тој договор е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава и тука никој не треба да има никаква дилема, а што се однесува до уставните измени кои се дел од т.н. француски предлог, кој е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека за диктати и ултиматуми не преговараме. Ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“,

изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на поставување камен-темелник на нова детска градинка во Бутел.

Мицкоски нагласи дека не може да водат политика на двојни стандарди и оти ако се бара промена на Уставот „за неколку стотини наши сограѓани кои се декларираат како Бугари“, тогаш треба да се земат предвид и правата на Македонците во Бугарија.

„Не можеме да водиме политика на двојни стандарди. Ако бараме промена во Уставот во Македонија за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед кои велат дека се дел од македонската заедница. Треба да си го поставиме прашањето зошто тие бараат да бидат дел од македонскиот Устав, дали нечии човекови права се загрозени. Ако е така, тогаш треба да видиме во Европа, која е таа институција која е одговорна да донесе одлука, чии човекови права се нарушени или не се. Тоа е Европскиот суд за човекови права и ако ја погледнете денеска ситуацијата или спортски да се изразам, семафорот, ќе видите резултат 14:0, односно имате 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија, чии права се или ограничени или нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Така што, мораме да имаме политика која не се темели на двојни стандарди. Таква политика води оваа нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се додека сум јас претседател немам намера да водам политика на двојни аршини“,

рече Мицкоски.

Тој ги окарактеризира како чудни изјавите што доаѓаат од официјална Софија, особено од претседателот Румен Радев, кој, како што рече, дава изјави кои повеќе прилегаат на средниот век отколку на 21 век.

„Човекот политичар кој во 21 век за себе вели дека е европски политичар, а на голема сцена ги укинува човековите права на една заедница, која во средината на минатиот век беше дел од пописната листа кај нашиот источен сосед, македонската заедница, вели дека ние сме биле против бугарската заедница. Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани кои велат дека се дел од бугарската заедница, но бараме од претседателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница“,

рече Мицкоски. 

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, вчера во интервју за Радио Слободна Европа, прашана дали САД поттикнуваат нов дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија по најавите од премиерот Мицкоски дека е подготвен за преговори, како и по реакциите од страна на Грција за непочитување на Преспанскиот договор, порача дека нема одново преговарање, односно дека договорите се веќе направени.

„Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно. Има разлика што се кажало во кампањите, што се кажало низ години, а што сега за да се оди напред. И силно се надеваме дека е направен прогрес, дека тие стари употреби или терминологии може да се остават на страна и дека соседите, сеедно кој, почнувајќи од Северна Македонија, ќе може да имаат важни разговори од кои сите инволвирани ќе имаат корист. Се надеваме дека тоа ќе го видиме“,

посочи Агелер.

Таа нагласи дека САД се многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа „Северна“ во заклетвата. Според неа, тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот од Преспа и сега многу внимателно ќе следат како се почитува.

(ВИДЕО) Агелер: Воодушевена сум од најавата на Мицкоски и министрите дека ќе се заколнат со Северна Македонија

- Реклама -