„Пред подолго време другарка ми Хана, ми ја посочи писателката Џуди Блум, која е една од позначајните писателки за деца во САД. Почнав да ја читам и ми се допадна искреноста и отвореноста со која влегуваше во темите, а особено детскиот ракурс и јазикот. Еден од романите, „Нема да е крај на светот“ ја отвораше темата на фамилија која се справува со разводот. Согледувајќи ја важноста на оваа тема денес во нашето општество, особено за младите и децата, кои најтешко се справуваат со овој процес, аплициравме со „Театарот за деца и младинци“ и откога го одобрија проектот почнав подетално да истражувам и да размислувам. Ептен ми е драго дека се впуштив во овој проект“, изјави за читателите на Трн, Јане Спасиќ, по чија режија и текст беше поставена оваа претстава.
Трн: Имаше ли некои конкретни предизвици или чувствителности на кои наиде додека работеше на толку деликатна тема за помладата публика?
Јане: Многу. Прво се двоумев дали имам право да работам на вака чувствителна тема која не сум ја минал. Јас сум дете на семејство кое НЕ минало низ развод. Од друга страна насекаде околу мене имам роднини и пријатели кои минале низ тоа и некако ја разбирав важноста, иако не целосно и процесот. Втора работа што многу ја отежна драматургијата, беше фактот што не сакав да има конкретен виновник за разводот кај родителите, поради потребата да не се одвлекува фокусот од најважната работа, а тоа е она низ што минуваат децата кои се најранливи во тоа семејство. И веројатно трето нешто беше потребата да се пренесе автентичноста на ракурстот и проблемите со кое се соочува секое од трите деца во таа фамилија кои се на три круцијално различни возрасти. Имаше и уште некои но овие работи беа најважните.
Трн: Изјавуваш дека кај институционализираниот театар ти пречи што немаш слобода, а кај независниот пак ти фали простор, каде би пливал ти порадо и која би била совршена комбинација за тебе?
Јане: Изјавата е малку извадена од контекст, зашто недостасува аргументацијата. Нејсе. Да повторам, независниот театар треба да експериментира, а инстутационалниот да има идеја однапред за својот репертоар и за она што ќе се негува, и секако „зошто“. Ниту едното, ниту другото не е доследно и тоа е проблемот. Независниот театар ретко се движи во линијата на експерименталност, на драматургијата, формата, актерската игра итн. Од друга страна пак, институционалниот театар има некои тотално сувопарни летови во место и најчесто театрите немаат идеја каква репертоарска политика сакаат да имаат. Длабока е темата и проблемот за вакво кратко интервју.
Каде би пливал јас?! За среќа на недостатоците на системот кај нас – насекаде. Важно ми е да сум дослден и искрен со себе, во моментот кога работам. Секогаш сакам кога има мал страв и предизвик од она што го работам, не е важно што и каде. Интересите мои се менуваат, така и местата, независен или институционален театар.
Сакам да дадам еден друг ракурс на прашањето, мислам дека е добро сите ние режисери, да имаме можност да се навраќаме и да експериментирање со формата поткрепени со финансии, слободен простор и колеги актери кои ќе можат да се посветат на тоа. Се’ повеќе чувствувам потреба да можам да пробам нешто што одамна го замислувам, а што е далеку од оваа форма на театар која ја правам сега. Значи да преведам, искуството што го имам собрано оваа моја прва творечка декада, сакам да пробам да го измешам и доведам до некоја нова форма, во простор наменет за тоа, не институционален театар, но не и соба без греење и проект без финансии. Веќе сум стар за тоа, го правев некогаш. Веројатно ова е одговор на твоето последно потпрашање.
Трн: Краткометражниот игран филм „Имиња” беше избран во официјалната селекција на 45-тото издание на Меѓународниот медитерански филмски фестивал „Синемед“ во Монпелје, Франција, колку ти значат овие успеси ?
Јане: Искрено?! Малку ми е шубе од фестивали, ама пријатното искуството што го имав додека бев дел до Македокс и Синедејс, ме спреми за овој фестивал. За чудно чудо, многу ми беше убаво. На Синемед се чувстував добредојден во секој момент, проекцијата помина одлично и имавме долга сесија на прашања и одговори, а се запознавав и со луѓе на кои им значи она што го прават. А, колку ми значат овие успеси? Драго ми е дека филмот излезе и беше препознаен, дека се сретна со друга култура, што ја препозна сржта на приказната. Генерално овие искуства ми се значајни онолку колку што ќе споделам искуство и мислења со колегите. Ете толку и ништо повеќе од тоа.
Трн: По што ќе ја паметиш оваа година, кои ти се хајлајтс на 2023, а што планираш за 2024, кои текстови ќе ги поставиш на сцена?
Јане: Реално се утепав од работа периодов, ми треба одмор. Најголем хајлајст ми е начинот на кој раководев со себе при толку многу обврски и начинот на кој најблиските ме толерираа. А, најдрагити проекти за мене лично годинава би биле: Да одиме хронолошки, прва е апликацијата за животните и растенија во Македонија, која треба наскоро да ја промовираме, се вика „Еко душкало“, ја бев еден од дизајнерите на апликацијата, втора е секако премиера на „Имиња“ на Синедејс и интернационална премиера на Синемед во Монтпеље, трета е претставата во ТДМ „Како ќе го делиме мачорот?“ на која бев автор и режисер, една од социјално најважните претстави кои ги имам работено досега и претставата која ја спремам во моментов „Череп во Конемара“ во театар Комедија, од другар ми Мартин Мекдона. Следната година 2024 го аплциравме „Диво месо“со турскиот театар, па ќе видиме што ќе одлучат комисијата и министерството за култура. Други планови немам.
Трн: Што е за тебе една успешна престава?
Јане: Претстава што ќе постави прашања и претстава што ќе насмее или расплаче. Разумно и емотивно предизвикувачка. Овие две работи се предуслов дека претставата ќе остане во меморијата на гледачот, а гледачот е и единствен медиум на нашите престави. „Како ќе го делиме мачорот?“ го прави токму ова и многу ми е драго, затоа што имавме цел да направиме претстава што ќе стимулира разговор, ќе подаде рака и ќе биде пријател на оние кои минале низ процесот на развод.
Трн: Како пензиониран извидник, како мислиш дека принципите или вредностите научени преку извидништвото може да резонираат или да им помогнат на децата да се справат со предизвикувачки животни ситуации, како што е разводот?
Јане: Мноооогу комплексно прашање. Не би сакал да го симплифицирам. Но, накратко мислам дека извидниците нудат широка социјализација и младите извидници имаат огормен капацитет на прифаќање на различности. Извидниците се едно големо сигурно семејство. Веројатно одговорот би бил, дека другарите од извидници нудат можност за споделување на болката, наоѓање на привремено уточиште и закрила, доколку тоа не се случи во рамки на семејството. Затоа што една од најважните потреби на младите е да припаѓаат во некоја заедница, особено во овој развоен период, а при рушење на примарната заедница како што е семејството, добро е да имаш убаво опкружување и да се чувствуваш прифатен.
Трн: Дали твоите искуства од извидништвото влијаеле или го обликувале начинот на кој пристапувате кон режија или работа со млади поединци во театарски продукции кои се занимаваат со чувствителни теми?
Јане: Не знам точно, веројатно и да и не. Конкретно работата со деца е микс на познавањето на младите, знаење наследено од извидници и вештината на работата со актерите која ја совладав на ФДУ. Но, извидниците, а особено нашиот одред „М.М. – Брицо“ беше сериозна збирштина на луѓе со сериозни неформални кфалификации и разбирање за развојните потреби на децата и младите. Од друга страна тоа искуство е буквално како животно школо, за работи кои не можете да ги научите на друго место. Секако додека бев млад не можев да ги сфатам сите начини на кои, пријателствата, обврските и одоговорностите на извидници ме изградија како личност. Некои работи ги согледав и ги сфатив многу подоцна во животот, но ги научив за времето поминато во извидници. Да заклучам, генерално е спој од повеќе работи, секако една од нив се извидниците, кои се значаен дел од мојот развој како човек.
Трн: На кој начин мислиш дека вклучувањето во младински организации како извидништвото може позитивно да придонесе за емоционалната отпорност или механизмите за справување на децата кои се соочуваат со тешки животни околности?
Јане: Социјализацијата кај младите е можеби најважната компонента од нивниот развој, затоа што ја развива и интелектуалната и емоционалнта интелигенција на нивната личност. Особено, денес во ова време кое се чини дека главна одлика му е десоцијализацијата и изолацијата на младите. А, како што веќе кажав погоре, младите имаат огромна потреба да се приклонат и да бидат дел од некоја група, особено во развојните години на пубертетот, а сметам дека извидниците се една од најдобрите средини и групи на кои младите можат да бидат дел и да се развиваат.