Кроасанот е популарен европски појадок уште од првиот Светски саем во Париз во 1889 година, кога виенските пекари им ги продаваа на луѓето што беа дојдени да го видат отварањето на Ајфеловата кула (на 31 март). На француски, „кроасан“ значи полумесечина, а полумесечестото уживање премачкано со путер опстојува веќе со генерации. И тогаш, еден британски супермаркет решава да ја погази целата човечка историја (од кроасанот наваму) и да почне да прави само прави кроасани.
Се работи за маркетот Tesco, кој од 19 февруари наваму, реши комплетно да се збогува со закривените кроасани, бидејќи станале многу непопуларни во Британија. Голема работа, така? Ама на некој начин е – промената ќе афектира речиси милион луѓе неделно кои ги купуваат брендираните кроасани на Tesco. Причината зад промената, сепак, почива на цврста основа (како да не): Tesco вели дека 75% од купувачите преферираат прав кроасан отколку заоблен кроасан – полесно било да се исече по должината и да се намачка со џем, крем или што и да е вкусот по желба.
„Во срцето на оддалечувањето од заоблените кроасани е размачкувачкиот фактор“, вели директорот на кроасантскиот оддел на Tesco. „На мнозинството купувачи им е полесно да намачкаат џем (или друго) на поправа форма, со единечно мачкачко движење. Кај заоблениот кроасан, процедурата е понепријатна и на повеќето луѓе им требаат дури и до три обиди за да постигнат еднаква размачканост, што го зголемува потенцијалот за несреќи од типот на лепливи прсти или маси“.
Озбилна била работава бе!
И така, заради вака битни причини, Tesco фати да брише историја, а навестува и дека таа промена ќе се прошири и низ останатиот развиен up-to-date свет. А историјата на кроасанот е богата. Некои ќе речат дека кроасанот ја раскажува „целата приказна за Европа – подемите и падовите на империите, војните и кралските бракови“, кои придонесоа „Европа да биде таква каква што е денес“.
Според легендата, историјата на кроасанот оди назад до една летна вечер во Виена, во 1683 година. Муслиманската Турска империја почнува инвазија на градот, а пекарите кои работат во нивните кујни се тие што први ги слушаат ударите од лопатите на напаѓачите, кои копаат тунели под виенските заштитни ѕидови. Пекарите го огласуваат алармот, а благодарение на раното предупредување, градот е спасен. Пекарите прославуваат создавајќи го полумесечестото пециво, моделирано според турското знаме, за Виенците да можат фигуративно да го јадат симболот на нивните непријатели. Го нарекле „кипфел“ – локалниот израз за „полумесечина“. Да, „кифла“ доаѓа од таму.
За жал, и оваа, како и повеќето урбани приказни, е веројатно само легенда. Пекарите во Виена веројатно печеле пецива во форма на полумесечина уште од 13-от век. Кога австриската принцеза Марија Антоанета била омажена за францускиот крал Луј XIV-ти, таа со себе во Франција ја донела и традицијата на правењето на кроасани, за да има нешто што ја потсетува на дома.
Оттогаш, кроасаните стануваат општо распространети ширум Европа и светот. Правите кроасани, пак, не се баш револуционерни – варијациите како кроасанот со шунка и кашкавал и пржените кроасани се само две од многуте девијации произлезени од традицијата. Сепак, само времето ќе покаже дали Tesco ќе создаде нова историја за идните генерации, или правиот кроасан брзо ќе го доживее падот. Во меѓувреме, Британците ќе уживаат во „помалиот потенцијал за несреќи од типот на лепливи прсти и маси“.