За доброволното ропство

identifying-unfinished-business-the-uk-modern-slavery-act-2015-lst183740-1[1]

Во 1548-та, 18-годишниот Етјен де ла Боеси (1530-1563) ја пишува својата „Расправа за доброволното ропство“ (Le Discours de la servitude volontaire), „во слава на слободата, а против тиранијата“. Во неа го поставува вечно актуелното прашање: Зошто поробеното мнозинство не се побунува?

„Би сакал, во оваа прилика, да сфатам како тоа толку луѓе, толку села и градови, толку нации понекогаш поднесуваат еден единствен тиранин кој ја има само онаа моќ што тие му ја даваат; кој има моќ да им наштети единствено ако тие се подготвени да толерираат; кој може да им причини некое зло само ако тие се нафатат да страдаат, а не да му противречат. Тоа е секако голема, а така обична работа, па затоа повеќе треба да се тажи, а не да се биде изненаден од тоа што милиони луѓе бедно служат, со наведнати глави под бесрамниот јарем, не затоа што на тоа ги приморува некаква појака сила, туку затоа што изгледа се хипнотизирани и маѓепсани од самото име на Едниот…

Ама, о Боже мили! Што ли тоа може да биде? Како ќе го именуваме? Каква е таа несреќа? Каков е тој порок, односно каков несреќен порок е тој што бескрајното мноштво луѓе е не само послушно, туку и слугувачко; не само што со нив владеат, туку и го тиранизираат… тоа пати не од некоја војска, ни од варварски орди (од кои би го бранело својот живот), туку од еден единствен човек; не од некој Херкул или Самсон, туку од едно човече. Ќе го наречеме ли кукавичлук?

Ќе ги наречеме ли луѓето што служат кукавици и слабаци? Секој порок, секако, има свои граници преку кои не може да помине; двајца, а можеби и десетмина луѓе можат да се плашат од еден, ама кога илјада, милион луѓе и илјади градови не се бранат од еден, тоа веќе не е кукавичлук, бидејќи кукавичлукот не досегнува толку далеку. Каков ли е тогаш тој монструозен порок кој природата порекнува дека го створила и кој јазикот одбива да го именува?

Јадни и бедни, безумни народи, нации тврдоглави во својата неволја и слепи кон сопственото добро! Допуштате пред очите да ви го однесат најдобриот и најсветлиот дел од вашите приходи, допуштате да ви ги пљачкаат полињата, да ви ги пустошат куќите и да ви ги одземаат наследствата од вашите предци; живеете како ништо да не ви припаѓа; ако ви остане пола од вашите добра, семејства, јадни животи, се чини дека тоа го сметате за голема среќа; сета таа штета, таа несреќа, таа рушевност не произлегува од вашите непријатели, туку единствено од вашиот непријател, и тоа оној што вие сте го направиле да биде тоа што е, за кого така јуначки одите во војни и заради чија суета не одбивате да го изложите својот живот на смрт.

Тој кој така господари со вас има само две очи, две раце, едно тело и ништо друго што не би го имал и последниот жител од големиот и бескраен број на вашите градови. Тоа што тој го има вишок – тоа се средствата што вие му ги обезбедувате за да може да ве уништи. Од каде му толку очи да ве демне, ако вие сами не му ги давате? Од каде му толку раце да ве удира, ако не ги добива од вас? Не ли се тоа ваши нозе со кои ги гази вашите градови?

Како тоа воопшто има некоја моќ над вас, освен ако тоа не е со ваше посредство? Зар би се осудил да ве јавне ако тоа не е со ваша согласност? Што всушност би можел тој, ако не сте јатак на лоповот кој ве краде, ако не сте соучесник на убиецот кој ве убива, и свој сопствен издајник?

Бидете одлучни во тоа дека не сакате веќе да служите и – ете ве слободни“.

- Реклама -