За децата на вработените бесплатни лаптопи и стипендии, а за најдобриот работник BMW

Црногорецот Радомир Новаковиќ “Цакан“ за кој пишувавме кога ги почасти своите вработени со скапи автомобили и луксузни крстарења на Бахамите и Сејшелите изгледа дека доби конкуренција за титулата “газда за пример“. Овој пат, ви ја пренесуваме приказната за Ѕвонко Поповиќ од Хрватска кој на своите вработени им плаќа стипендии за учење, на нивните деца им купува лаптопи, а највредниот работник го израдувал со нов автомобил BMW.

Компанијата Канаан која важи за водечки производител на чипс во Хрватска на почетокот на февруари купи 32 лаптопи. Секако, ова не би било вест доколку тие лаптопи не беа наменети за децата на вработените кои го добиле овој подарок бесплатно само затоа што нивните родители работат во компанијата. Ова, сепак, е само почеток на приказната која ни ја пренесе хрватски Телеграм.

Ѕвонко Поповиќ е газда за кој секој би посакал да работи. На сите вработени во неговата компанија чиишто деца одат на факултет, тој им исплаќа месечна стипендија во износ од 1.500 куни, без оглед на тоа што учат, а ако успешно ги завршат студиите, тие не треба да вратат ниту една куна. За оние кои ќе се запишат на машински или електротехнички факултет со намера да се вработат во Канаан, предвидена е неповратна стипендија од дури 3.500 куни месечно, а тоа е речиси половина од просечната плата во земјата.

Но тоа не е се!

На вработените кои сакаат да продолжат со учење, компанијата им овозможува да го продолжат своето образование или обука со тоа што ќе работат со скратено работно време, а ќе добиваат и годишен износ до 20.000 куни за подмирување на трошоците за запишување на факултет, школарината и другите трошоци поврзани со нивното образование.

Има уште: Сите вработени кои ќе подигнат станбен кредит во некоја од комерцијалните банки, добиваат неповратен грант во висина од 5% од вкупниот кредит. Така на пример, ако кредитот е 50.000 евра, компанијата ќе исплати 2.500 евра и така ќе помогне во решавањето на станбеното прашање.

А ако на вработените во Канаан им затребаат пари за некој итен случај, наместо да трчаат по банки тие можат да побараат заем од компанијата во износ до 15.000 куни, а за истиот им се пресметува најниска каматна стапка. Во последните две години, дури триесет вработени во Канаан ја искористиле оваа можност.

Родендените на вработените се на трошок на фирма
Вработените со кои разговараше редакцијата на Телеграм велат дека нивниот работодавач забележува се, па така забележал дека одредени вработени не ги частат своите колеги за роденден бидејќи имаат и други семејни трошоци. После ова, Поповиќ одлучил компанијата да ги сноси трошоците за кетеринг после секоја роденденска прослава на вработените.

Овој мал придонес ќе допринесе вработените да се чувствуваат еднакво и секој да може да го прослави денот на своето раѓање со колегите, вели тој.

Инаку, компанијата неодамна ангажираше и психолог во одделот за човечки ресурси кој треба да се грижи, меѓу другото, и за психо-физичката состојба на вработените, особено на оние кои се изложени на поголемо ниво на стрес поради специфичноста на работното место. Една од мерките е час по јога кој се одржува два пати во неделата во работното време.

BMW за најдобриот работник

Компанијата Канаан, исто така, ги наградува вработените со јубилејни награди. Но некогаш и повеќе од тоа! Во 2018 година еден работник во производство се здобил со право да користи автомобил од премиум класа, БМВ 3, и тоа во времетраење од една година, 24 часа на ден, со платени трошоци за користење. На почетокот на 2020 година, повторно е доделена истата награда на друг работник кој се покажал најдобро во изминатата година.

Кога го објавивме победникот на крајот на годината, човекот не можеше да верува дека во наредните 365 дена ќе вози БМВ автомобил без никакви трошоци, а еве како го избрав вистинскиот. Низ целата фабрика се поставни камери од кои понекогаш знам да погледнам како оди производниот процес. Еден ден, забележав еден млад човек како секогаш скока за да им помогне на другите, па така кога ќе настане некој проблем, тој секогаш прв приоѓа и го решава. Иако тоа никогаш не беше негова работа и негова машина, тој ја знаеше работата во другите делови од фабриката и помагаше кога нешто ќе заглави, и тоа беше доволно, открива Зоран.

Работникот на годината го избира лично тој, а работник на месецот избираат вработените. Фабриката работи во четири смени и секој месец се одбира по еден најдобар работник од секоја смена. Наградата е покачување на платата за 2.000 куни.

На еден работник му платил очна операција, а кога заминал во пензија му купил куќа
Поповиќ ја цени посветеноста на вработените кон неговиот бизнис и неговата компанија, а на лојалноста возвраќа со помош кога таа е потребна. Пример за тоа е еден работник, кој станал дел од фабриката кога таа се создавала во 90-тите години, а пред 6-7 години се здобил со проблеми со видот. Откако Зоран го забележал работникот како со потешкотии се обидува да ги прочита броевите од плочката, тој веднаш го испратил на операција и ветил дека ќе ги плати трошоците за лекување. Човекот бил пресреќен кога неговиот вид се вратил како порано.

Истиот тој работник неодамна се пензионирал, а Зоран знаел дека целиот свој живот тој живеел под кирија. За да му се заблагодари за 30-годишната посветеност и работа во фабриката, тој одлучил да му купи куќа во која ќе ги помине своите пензионерски денови, а за која ќе треба да плаќа само режиски трошоци. И се разбира, секогаш кога ќе посака, тој може да се врати во фабриката доколку сака да заработи уште некој денар надвор од неговата пензија.

Само задоволен работник е добар работник

Поповиќ вели дека за него е задоволство кога знае дека вработените во неговата фабрика се чувствуваат добро, почитувано и ценето. Тој смета дека само задоволен работник може да биде добар работник и дека на секој работник му припаѓа дел од тоа што се нарекува профит, дел кој се должи на работата на целиот колектив, а не е заслуга на само една личност како што сметаат повеќето работодавачи.

- Реклама -