Фејсбук статус на Васко Лазаревски
За авганистанските луѓе во неволја, хуманитарци, новинари, преведувачи, прогресивни луѓе и демократи, за кои нема веќе место во нивната татковина
Среде оваа ксенофобична кампања која започнува околу давањето засолниште на бегалци од Афганистан, луѓе кои премногу предолго биле на првата линија на борбата против реакцинерното, ултра-конзервативно и крајно сурово движење Талибан, чувствувам лична обврска да застанам против таа и таква кампања и да изразам целосна поддршка на бегалците.
Во исклучително тешки и опасни услови овие луѓе се бореле нивната татковина да усвои демократски, слободарски, секуларни вредности. Се бореле за правата на жените, за правата на маргинилизираните, на малубројните, на оние во опасност. Застапувале граѓанско општество и слобода на говор, работеле за Обединетите нации, за невладини организации, образувале генерации, биле новинари, биле демократи.
Освен овие луѓе, доаѓаат и нивните семејства. Доаѓаат оние кои, ако останат во Авганистан, ќе бидат убиени, оние кои ќе бидат присилно омажени, оние кои ќе немаат како да се прехранат, оние кои немаат повеќе живот во родната земја. Доаѓаат луѓе кои ја одбрале прогресивната и демократска страна во нивното општество и кои сега зависат од нашата прогресивност и демократичност, но најмногу од нашата солидарност. Солидарност е збор кој многу често го користиме и вредност на која уште почесто се повикуваме. А, сега е момент и практично, реално да покажеме како се практикува солидарноста, како се подава рака и кога некој кој не ни е близок (географски) има мака.
Бегалците се секогаш цел на ксенофобични напади и ситни монети за политички препукувања и во земјите од каде бегаат и во земјите каде што ќе најдат (привремено) засолниште. Преку нив се мобилизираат сите десничарски, авторитарни и националистички сили кои ќе трубат како „нечистите“ странци ќе донесат кај нас само беда, болести, криминал и тероризам. Нивната мака станува платформа за промоција на локални политички агенди кои опортунистички поентираат на неа. Целосно нечовечки и без грам емпатија кон човечките битија во опасност.
Затоа, оваа мобилизација на ксенофобичната десница не смее да биде единствената присутна. Мора да се чуе и гласот на прогресивните, солидарни граѓани, гласот на сите алтруисти кои освен за себе, покажуваат грижа и за останатите човечки битија во неволја.
За крај, еве листа од неколку бегалци (малкумина од многуте) кои оставиле трага и во земјата во која нашле засолниште, а и во светот во целина:
• Алберт Ајнштајн – најголемата научна ѕвезда во светот, Нобеловец, бегалец.
• Хана Арент – теоретичарка на политички науки, препознаена како една од најбитните политички мислители на дваесеттиот век, бегалка
• Фреди Меркјури – веројатно најголемата музичка ѕвезда во светот, бегалец.
• Сигмунд Фројд – татко на психоанализата, бегалец.
• Иман, музата на Џани Версаче, Келвин Клајн, Дона Каран, љубовта на Дејвид Боуви, бегалка.
• Далај Лама, духовен (и световен) водач на Тибетанците, поборник на мирно разрешување на конфликти и ненасилство, Нобеловец, бегалец.
• Десетици илјади деца – бегалци од Граѓанската војна во Грција