За 15% покачена бројката на вакцинирани деца против голема кашлица во Гостивар

Вакцините се основен столб во здравствената заштита на децата, осигурувајќи имунитет против сериозни заразни заболувања како што е пертусисот. Сепак, дебатата околу вакцинацијата, особено во врска со безбедноста и ефективноста, неуморно продолжува да влијае врз родителите и медицинските лица.Во последно време, забележана е зголемена заинтересираност за вакцинирање на деца против големата кашлица, а едновремено се следи текот на оваа инфективна болест.

Дилемата на родителите околу вакцините се’ уште е присутна, но дел од нив сметаат дека нема ништо спорно околу вакцините.
“Јас ќерка ми ја вакцинирав поради мерките на владата. Јас и сопругот сме во работен однос, по истекот на моето пост породилно право, немаше кој да ја чува Амра, па единствена опција ни беше градинката. Ние имаме многу лошо искуство со пандемијата, и покрај тоа што блиските ни беа вакцинирани, завршија летално. Во ред, тие се бореа со вирус кој не беше познат, но сепак.. Да бидам искрена, не знаев кои се придобивките и штетите од вакцинирање и невакцинирање, но, сепак бев решена да не ја вакцинирам Амра се’ до донесувањето на новите мерки од владата. Амра засега не покажала никакви несакани појави и треба да ја прими втората доза, па се надевам дека нема да има никакви проблеми во иднина.”-изјави Бахар, мајката на малата Амра.
“Стефан треба да го носиме на ревакцинирање. Бидејќи и другите две деца се вакцинирани со сите вакцини кои им следуваа, и не покажаа никакви несакани реакции, решивме да продолжиме со истата практика и за Стефан. Мерките од владата ги оправдувам, бидејќи родителите треба да ги вакцинираат децата, на овој или на оној начин, бидејќи и вие сами ја гледате ситуацијата со големата кашлица.”-изјави Зоран, таткото на четири годишниот Стефан.
Во регионот на Гостивар од први до петти месец оваа година се вакцинирани 510 деца, а биле планирани 567 деца. За разлика од лани, оваа година бројот на вакцинирани деца се покачил за 15%.
По тој повод, разговаравме со доктор Дафина Богданоска-Влаховска, докторка на одделот за вакцинации во Гостивар, која даде свое мислење на оваа тема:
Д-р.Дафина Богданоска-Влаховска

Што мислите, кои беа причините за родителите да ги вакцинираат децата? Мерките на владата или ширењето на болеста?

Д-р. Дафина: “Сметам дека и мерките на владата, но, и ширењето на болеста имаат свој придонес во зголемувањето на бројката на вакцинираните деца. Мерките на владата дадоа резултат со тоа што влијаеа на запишувањето на децата во градинките и во училиштата. Исто така, сметам дека родителите малку несериозно го сфаќаат ширењето на болеста и не се свесни за опасноста што ја предизвикува. На некој начин дозволија враќање на заборавените болести што беа искоренети во нашиот регион. Родителите се тие кои треба да ги заштитат своите деца од овие заразни болести кои што се вратени, а не мерките на владата.”

Дали сте задоволни од досегашниот процент на вакцинирани деца во Гостивар?

Д-р. Дафина: “Во последните 7 до 10 години, процентот на вакцинација постепено се намалува, можеби причината за тоа се антиваксерите и погрешните информации што ги добиваат родителите од социјалните мрежи. За да биде заштитено населението и да се одржи колективниот имунитет, процентот на вакцинација треба да биде над 95% . Последните години, особено со Короната, процентот на вакцинација на сите вакцини што ги даваме се намали дури на 76% . Последните две години постепено се враќа довербата во вакцините, а, и родителите веќе се свестат заклучно со мерките кои ги презема владата. Исто така, со нашиот труд за едукација и насока кон придобивките од вакцинирањето, процентот на вакцинација се зголемува, но сепак бројката на вакцинирани деца во Гостивар не е задоволителна.”

За разлика од минатата година, оваа година бројот на вакцинирани деца е покачен за околу 15%. Што апелирате до родителите?

Д-р. Дафина: “Точно, процентот е покачен, но, не е задоволителен. Апелирам до родителите и нивните блиски, информациите околу вакцинацијата, придобивките од вакцинирањето, календарот на вакцинација, за безбедноста на вакцините, да ги црпат од релевантни извори што ги има на страницата на Министерството за здравство, “Мал мед”-агенцијата за лекови, вакциналните пунктови и од оние што се професионалци кои што работат со имунизација. Секогаш сме достапни за граѓаните, можат да дојдат на пунктовите за вакцинација и ќе ги добијат информациите што ги интересираат.”
Даница Среткоска
 

 

Извор