Сè повеќе таблети можат да се пофалат со графички перформанси блиски до оние на гејминг конзоли, но поради интерфејсот сепак е тешко тие да бидат сфатени како сериозни платформи за видео игри.
Wikipad ќе го промени сево ова, не само што добивате Android таблет, туку и целосен контролер со дополнителни звучници. Wikipad Inc. вели дека нивниот таблет ќе биде достапен на 31 октомври за 499 долари ексклузивно преку продавниците на GameStop. Иако може да се користи како стандарден Android таблет со Wikipad добивате контролер кој се прикачува на дното.
Контролерот има два аналогни џоистици, четири копчиња на предната страна, четири на задната и крст за управување. Иако повеќето игри во Google Play не се кодирани за подршка на овие копчиња, контролерот ќе работи со десетици PlayStation Mobile игри, вклучувајќи и многу оригинални PlayStation класици.
Android 4.1 таблетот има NVIDIA Tegra 3 графички процесор и IPS дисплеј со резолуција од 1280×800 пиксели. Според производителот батеријата на Wikipad ќе овозможи шест часовна непрекината забава со видео игри или осум часа видеа со само едно полнење. Таблетот тежи 560 грама со контролерот, што значи дека е речиси двапати потежок од Nintendo 3DS или PlayStation Vita.
Таблетот ќе биде достапен во само една конфигурација со WiFi и 16GB меморија, кои можат да бидат дополнети со MicroSD картичка. Со цена од 499 долари, Wikipad ќе мора да се надева дека контролерот ќе биде доволно привлечен за да успее во пазар во кој веќе постои Apple iPad и неколку Android таблети. Дополнителен конкурент е и Archos кој неодамна најави 7 инчен GamePad со Android 4.0 кој ќе биде достапен во истиот период за околу 200 долари.