„Ова е најтешкиот ден во современата историја на Србија, тага што не се памети, мора да ги бараме причините, одговорноста и решенијата ова да не се повтори“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредната прес-конференција по повод убиството што се случи утрово во ОУ „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, кога ученик со неполни 14 години пукал во учениците и обезбедувањето, уби девет лица, осум деца и припадник на обезбедувањето, рани седум лица, од кои шест деца и еден учител, јави дописникот на МИА од Белград.
„Мора да ги менуваме нашите вредности и однесувањето, ова е прашање на нашиот опстанок, мораме да се менуваме и да ги признаеме грешките“, кажа Вучиќ.
Момчето кое е осомничено дека пукало во основното училиште „Владислав Рибникар“ ќе биде сместено во психијатриска клиника, тој не покажал каење за делото, уапсен е таткото како сопственик на оружјето, а приведена е и мајката, изјави претседателот на Србија.
Тој додаде дека татко му направил еден прекршок во животот, чиста биографија, и бил примерен доктор.
„Ова страшно злосторство се случи во едно од најдобрите училишта што ги имаме во нашата држава, едно од трите најдобри, полицајците си ја завршија работата, не после, туку пред злосторството, полицајците беа на лице место изутрината пред наставата да започне, исто така училишната полицајка го посетила училиштето“, рече Вучиќ.
„Човекот што беше убиен од обезбедувањето дури и разменуваше пораки со момчето убиец, го сакаше, човекот од обезбедувањето беше добриот дух на училиштето“, изјави Вучиќ.
Како што кажа, ученикот кој пукал „ги замолил родителите на училиште да го префрлат во друго одделение“.
„Потоа, по сопствено признание, решил да направи монструозен чин. Се подготвувал за тоа. Го дочекал денот и се подготвувал. Три пати бил на стрелиште со својот татко, пукал во кружна мета. Според сопствено признание, тоа му се допаднало и сметал дека е добар стрелец“, изјави Вучиќ.
Како што кажа, пронајдени се 57 чаури и шест куршуми, односно четири рамки со по 18 куршуми, и додаде дека таткото на напаѓачот е почесен член на стрелиште.
Тој исто така рече дека слушнал разни приказни за деца и родители кои се борат за опстанок, но дека во овој случај било спротивно, а родителите на момчето што пукало во училиштето биле добро ситуирани, како и мнозинството родители на основците од „Владислав Рибникар“.
Зборувајќи за наводите дека К.К. бил жртва на врсничко насилство, Вучиќ кажа дека момчето еднаш било малтретирано во школата за глума и дека бил исклучително амбициозен, како и неговите родители.
„Тогаш се прашувате како да ги воспитувате децата? Што треба да правите? Денес секој родител се присетил колку пати направил грешка, принудувајќи го своето дете повеќе да учи“, кажа тој.
Вучиќ нагласи дека „ова е спротивно на клишеата на кои сме навикнати“.
„Мерките што ги предлагам како претседател на Републиката, ги давам како право во име на најголемиот број деца и родители во Србија“, рече Вучиќ.
Тој предложи да се воведе мораториум за чување и носење оружје во наредните две години, освен за ловечко оружје. Потоа, да се изврши ревизија на сите издадени дозволи и да се контролира начинот на кој лицата го чуваат оружјето.
Тој предложи и да се изврши контрола на сите стрелишта во Србија и дали малолетниците имаат пристап до нив и предложи кривична одговорност за сите кои дозволуваат малолетници да дојдат во контакт со огнено оружје.
Вучиќ изјави дека како претседател ѝ предлага на Владата да размисли за намалување на кривичната одговорност на малолетниците од 14 на 12 години, што, како што наведе, ќе биде нешто за што ќе се „кршат копја“.
МИА