Додека Втората светска војна го тресеше светот во доцните 30-ти и 40-тите, распределбата на сите комодитети влезе во полна сила. Американците, како и другите, кратеа на речиси сите неопходни намирници… освен карминот.
Кога мажите беа регрутирани во армијата, жените ги заземаа нивните работни места. Како што пишува во статијата на XOVain – наречена „When Beauty Was A Duty: Cosmetic Appeal During WWII“ („Кога убавината беше должност: Козметичката привлечност за време на ВСВ“), „Од жените се очекуваше активно да придонесуваат во војната и да ги преземат традиционалните машки работни места, без да бидат мажествени; шминката им овозможи да ја изразат оваа нова моќ, истовремено исполнувајќи го општественото барање за женска убавина“.
Носењето кармин претставуваше и средство за „подигнување на моралот“ кај војниците кои се бореа во странство. За жените, носењето кармин значеше моќ и еманципација, но за војниците, црвените усни беа мотивација и визуелно потсетување за тоа зошто треба да се вратат дома, и знак на поддршка од жените. Според едно писмо што еден војник го напиша за „Вог“ во 1941-та, „да се изгледа неатрактивно во овие времиња е крајно потиштувачко за моралот и треба да се смета како предавство“.
Токму заради „моралниот поттик“ за војниците, американскиот War Production Board реши да не ги ограничува количините на кармин. Наводно, карминот беше национална нужност, а фактот што владата ги охрабруваше жените да го носат – ја оддржуваше продажбата на високо ниво дури и во време на војна. Дури и медицинските сестри на Црвениот Крст одвојуваа време да ги лакираат ноктите и да стават кармин, како начин да ги охрабрат пациентите што ги лекуваа. Сестрите не го правеа ова по сопствена волја; самата организација дистрибуираше пакети со козметика за својот женски персонал.
Во еден продукт, карминот ги симболизираше и опресијата и сексуализацијата на жените кои го носеа – од страна на мажите, и женската борба за самодефинирност и слобода.
Како резултат, производителите на шминка го рекламираа карминот како „патриотски“, како „гламурот како доблест“, кој мажите го штитеа на воените фронтови преку океанот. Еден од производители почна и кампања со наслов „Војна, жени и кармин“, тврдејќи дека „карминот ја симболизира една од причините заради кои се бориме – бесценетото право на жените да бидат женствени и прекрасни, под било кои услови“. Карминот доживеа подем поголем од било кога.