Втора средба за еден месец меѓу Мицкоски и Гренел – соработникот на Трамп кој заговараше размена на територии на Балканот

Според владиното соопштение, била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“

За претходната средба во Вашингтон, Мицкоски информира на Фејсбук на 8 јули пишувајќи дека имал плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел – американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот

Ричард Гренел се смета за претендент за висока позиција во администрацијата на САД ако Доналд Трамп победи на ноемвриските избори

Христијан Мицкоски и Ричард Гренел денеска во Скопје

Владата информира дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имале средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

Во соопштението се вели дека на средбата се дискутирало за актуелните случувања во Западен Балкан, а било истакнато значењето на одржувањето на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа.

„Посебен акцент беше ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување“,

соопшти Владата.

На средбата биле анализирани и можностите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Според владиното соопштение, била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“ кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.

Фото: Влада на РСМ

„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изрази посебна благодарност до г. Гренел за неговата посветеност во градењето на севкупните односи помеѓу двете земји. Притоа истакна дека Владата останува силно посветена кон продлабочување на стратешката соработка, со особено внимание во областите на владеење на правото, економијата и енергетиката“,

велат од Владата.

За нешто повеќе од еден месец премиерот Мицкоски вторпат се гледа со Гренел кој е близок соработник на поранешниот американски претседател и кандидат на Републиканската партија на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп.

За претходната средба во Вашингтон на 8 јули годинава Мицкоски информира преку Фејсбук, а на неа покрај Муцунски беше и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Тогаш Мицкоски објави дека имал плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел – американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот.

Гренел присуствувал на форумот ЕУ – САД што вчера се одржа во Виена во организација на поранешни членови на администрацијата на Трамп. На овој форум ЕУ и нејзиниот комесар Тери Бретон, Гренел ги нарекол „непријатели на слободата на говор“ и го омаловажувал начинот на кој ЕУ се обидува да ги смири тензиите меѓу Србија и Косово.

Гренел долг период е во политиката, но и во бизнисот. Неговите политички почетоци се врзуваат за стартот на милениумот и турбулентниот период по нападите на 11 септември 2001 година. Работел како портпарол во Мисијата на САД во Обединетите нации во Њујорк, меѓу другото, и во периодот кога шеф на мисијата е Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Доналд Трамп, но набрзо се разиде со тогашниот американски претседател.

Во годините на администрациите на Барак Обама, Ричард Гренел формира компанија за комуникациски услуги со портфолио во Кенија, Конго, Молдавија, Авганистан. Во 2016 г. станува и коментатор на телевизијата „Фокс“ која отворено застана во поддршка на првата кандидатура на Трамп за претседател на САД. Во тој период неговата фирма се поврзува со случај во кој медиумски бранела и лобирала за молдавски олигарх кој веќе бил ставен на „црната листа“ на Стејт департментот. Има извештаи и за тоа дека компанијата на Гренел добила 100 000 долари од владата на Виктор Орбан.

Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа започнува институционалниот подем на Гренел, прво како амбасадор на САД во Германија кога се „истакнува“ со изјавите на поддршка на десничарските партии во Европа, потоа и како специјален пратеник на американскиот претседател Трамп за Балканот кога се појавија извештаи дека заговарал размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано.

Ваквите иницијативи наидоа на силен отпор кај земјите членки на ЕУ, а меѓу најгласните беше Германија која сметаше дека тоа може да доведе до домино-ефект во регионот со тоа што слични барања би се појавиле во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

Во 2020 г. Гренел доаѓа на позицијата в.д. директор на Националното разузнавање, која му овозможува координаторска улога на 17 разузнавачки агенции на САД.

По победата на Џо Бајден, Гренел не го заборава Балканот. Сè уште е присутен во регионот, но во економска смисла преку инвестиции во недвижности во Србија и Албанија.

За него се смета дека е пренесувач на пораките на Доналд Трамп, човек во кого претендентот за враќање во Белата куќа има голема доверба, кој е подготвен да се справува со неистомисленици на движењето МАГА.

Поради сето ова, Ричард Гренел се смета за претендент за висока позиција во администрацијата на САД ако Доналд Трамп победи на ноемвриските претседателски избори.

- Реклама -