Втор круг парламентарни избори во Франција

Денешниот исход ќе покаже дали екстремната десница предводена од Ле Пен ужива значително поголема поддршка од обединетата левица

Втор круг парламентарни избори во Франција денеска, а на кои се предвидува победа на екстремната десница. Марин Ле Пен, која важи за евроскептик со антиимигрантска реторика, беше најуспешна во првиот круг од изборите со освоени над една третина од гласовите, што го отвори патот за првата француска екстремно десничарска Влада по Втората светска војна.

Бидејќи Франција е поделена на 577 изборни едници првиот круг не е одлучувачки. Во вториот круг влегоа сите кандидати кои во првиот круг освоија најмалку 12,5 отсто од гласовите. Во првиот круг беа избрани само 76 претставници, а во сите други единици во вториот изборен круг требаше да се водат четворобои, тробои или двобои.

Партиите кои се против Ле Пен, успеаја да се договорат за заеднички настап против Национален собир (РН), а анкетите предвидуваат дека бројот на екстремно десничарските претставници ќе биде помал од првично очекуваниот. Таа пак тврди дека „Републиканскиот фронт“ на главните партии покажува презир кон нејзините гласачи и затоа ги повикува масовно да излезат и во вториот круг од изборите.

Одредени анкети кои се пренесуваат во француските медиуми предвидуваат дека Ле Пен ќе освои од минимум 175 до максимални 230 места во францускиот Парламент, а дека обединетата левица  би можела да добие од 145 до 175 мандати, додека либералната коалиција „Заедно“ на претседателот Емануел Макрон од 130 на 160 места.

- Реклама -