Научната фантастика нѐ научи дека патувањата низ вселената се едноставни, брзи, возбудливи и, во најмала рака, спектакуларни. Реалноста изгледа далеку полошо одошто си замислуваме. Еве зошто…
Научната фантастика нѐ научи дека патувањата низ вселената се едноставни, брзи, возбудливи и, во најмала рака, спектакуларни. Реалноста изгледа далеку полошо одошто си замислуваме. Еве зошто…
1. Во вселената нема секс
Во „Ѕвездени патеки“ и “Battlestar Galactica”, се случуваа сексуални врски на секој чекор, во секоја можна прилика и на секое можно место. Но, уште на почеток, ова е малку неверојатно, затоа што кога сте во вселената, доаѓа до драстично снижување на крвниот притисок, а со тоа и протокот на крвта воопшто. Тоа значи дека би било екстремно тешко мажите да добијат ерекција. Но, дури и да го надминете овој проблем, немањето гравитација ќе го направи самиот сексуален чин речиси невозможен. При истражувањето на опциите за подолги патувања, НАСА направи експерименти во кои се бараат соодветни техники и дополнителна опрема за да го овозможи сексуалниот чин во вселената, за создавање на т.н. генерациски бродови. Но, дури и бременоста во вселената ќе биде проблем. Како што се покажало во експериментите направени врз глувци, немањето гравитација го спречува правилниот развој на јајце клетките и подоцна ембрионите.
2. Вселенските летала повеќе ќе наликуваат на подморници
Наместо пространи ходници, удобни соби за секој член од екипажот, големи мостови со високи тавани и ќилими насекаде, во реалноста, вселенските летала за подолги мисии ќе бидат слични на депресивниот брод „Ностромо“ од „Осми патник“, само многу, многу потесни. Затоа што е тешко веројатно оти некој некогаш ќе измисли репликатори што создаваат сѐ што ви е потребно од воздух, а и неограничен извор на енергија што ќе оди рака под рака со оваа машина, сите астронаути ќе продолжат да бидат како сардини во конзерва. Можеби главната причина зошто просторот се штеди и се ставаат колку што е можно повеќе предмети на помал простор е фактот што подигнувањето на секој килограм товар во орбитата чини околу 50 илјади долари. Ова е причината зошто се рециклира и водата (која е доста тешка). Како што стојат работите, астронаутите уште долго ќе ја пијат сопствената преработена урина.
3. Животот без гравитација е ужасен
Речиси во сите научно фантастични приказни, во вселенските летала, па дури и најмалите спејс-шатли има вештачка гравитација која е блиску до нормалната гравитација на Земјата. Во реалноста, ова е физички невозможно да се постигне, барем со денешната технологија. Но, најголемите проблеми нема да бидат предизвикани од тоа што ќе се удирате во сѐ и сешто доколку не се заврзете со безбедносните ремени. Човечкото тело буквално почнува да се распаѓа доколку врз него постојано не влијае гравитацијата. Сите мускули (вклучително и срцето), започнуваат да се смалуваат кога привлечната сила на Земјата постојано не ги влече удолу, па така, по некое време, организмот ќе стане толку кревок, што седењето на кревет, на нормална гравитација, би ве убило. Астронаутите се справуваат со овој проблем преку секојдневни, напорни вежби, но замислете што би се случило доколку треба да патувате со години?
4. Нема што да се види
Вселената е прекрасна и интересна во најголем дел, но речиси секогаш изгледа како оваа фотографија, од проста причина што е премногу голема и сѐ е премногу далеку од сѐ останато. Некои нешта што сте ги виделе на астрофотографии, не изгледаат идентично и во вселената, затоа што на фотографиите постои манипулација со боите, како и со перспективата на вселенските тела. Но, дури и кога знаете каде има некои неверојатни нешта што вреди да се видат, не можете да бидете сигурни дека сѐ уште ќе бидат таму кога ќе стигнете – сликата што сте ја виделе на Земјата е од пред толку години колку што е оддалеченоста на вселенското тело, па голем дел од нештата што ги гледаме веќе не постојат. А дури и во случај да стигнете до нешто неверојатно, и тоа ќе го гледате преку камера, на монитор, од проста причина што прозорците би биле огромен ризик во опасно место какво што е вселената.
5. Ако сакате да отидете некаде подалеку, никогаш нема да се вратите
Научната фантастика ни го претставува патувањето по бескрајните пространства како една голема авантура, во која херојот секогаш на крајот го победува злото и триумфално се враќа дома. Проблемот со ваквите приказни е што во „Војна на ѕвездите“ имаше хипер-погон, во „Ѕвездени патеки“ ворп погон итн. Сите овие начини на патување се апсолутна глупост и не се возможни во реалноста поради тоа една едноставна равенка e=mc2. Според неа, накусо кажано, доколку со некое возило сакате да постигнете брзина поголема или еднаква на онаа од светлината, ќе ви биде потребно бесконечно многу енергија. Но, да речеме дека е возможно да се постигне брзина што е приближна на таа од светлината. Во тој случај, патувањето до најблиската ѕвезда, Алфа Кентаури ќе трае преку 4 години. И во тој случај, релативитетот ќе ве изненади уште еднаш. Времето што вие ќе го минете на леталото, на сите надворешни набљудувачи ќе им се чини забавено. Па така, ако отидете до Алфа Кентаури и назад и во тоа патување вклучите и една година истражување, вашата деценија отстуство на Земјата ќе трае најмалку 2 децении. И тогаш сѐ што сте знаеле и познавале веќе нема да биде исто.