Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби како неосновани жалбите на обвинетите за случајот „Монструм“ и ја потврди во целост пресудата на Апелациониот суд Скопје од 31 март 2022 година.
– Постапувајќи во случајот познат во јавноста како „Монструм“, по одржаната јавна седница на ден 27.06.2023 година и по одржаното советување и гласање на ден 15.09.2023 година, Врховниот суд донесе пресуда ВКЖ2-33/22 со која жалбите на обвинетите А.Д., А.И. и А.И. ги одби како неосновани и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ-109/21 од 31.03.2022 година, ја потврди во целост, информираат од Врховниот суд.
Апелација во септември 2022 година ги одби како неосновани жалбите на обвинети во случајот „Монструм“, и ги потврди казните на осудените, односно доживотниот затвор за Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. Со правосилната пресуда потврдена е и казната за Хаки Азири кој беше осуден на казна затвор од девет години, а Фејзи Азири на казна затвор од 15 години. Ослободителна пресуда доби единствено обвинетиот Сами Љута. Првостепената пресуда, второстепениот суд ја преиначи само по однос на засметувањето на мерката притвор што ја поминале обвинетите
Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.
„Монструм“ имаше две судења откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток кај Специјалното јавно обвинителство.
МИА