„Вреди“: Иницијативата за интерпелација на Гаши е бесмислен експеримент и обид за дестабилизација

На состанокот на координативното политичко тело на коалицијата „Вреди“ била утврдена безрезервна и едногласна поддршка за претседателот на Собранието, Африм Гаши

Поднесената иницијатива за интерпелација на собранискиот спикер Африм Гаши од страна на политичката партија „Левица“, која пред пратениците ќе се најде на пленарна седница закажана за во вторник, за коалицијата „Вреди“ претставува бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација. Оттаму, по завршувањето на состанокот на координативното политичко тело изјавија дека како коалиција му даваат безрезервна и едногласна поддршка на претседателот на Собранието.

„Оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата ЛЕВИЦА, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси“,

велат од „Вреди“.

Покрај интерпелацијата, на денешниот состанок се разговарало и за изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во која тој кажа дека ќе се разгледуваат Законот за употреба на јазиците и алатката „Балансер“. Од „Вреди“ велат дека ваквите иницијативи за оценување на уставноста се опасни и неприфатливи и оти нивното евентуално прифаќање ќе ја отворат Пандорината кутија.

„Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин би го загрозил стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација“

се вели во партиското соопштение.

Од „Вреди“ велат дека тие ќе го бранат интегритетот на државните институции и интересите на граѓаните на земјава, стоејќи цврсто против секој обид за нарушвање на евроатлантскиот пат на Македонија.

- Реклама -