„Вреди“: ДУИ создава лажна перцепција за наводно институционално понижување на Албанците

Реакцијата на „Вреди“, која е актуелен коалициски партнер во Владата, следува откако од ДУИ вчера излегоа со обвинување дека се прават обиди за отстранување на Албанците од институциите, а со тоа и од процесите на носење одлуки во државата откако за в.д. директори во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) беа назначени Сашо Клековски и Бранко Аџигогов – двајцата етнички Македонци

Нема да дозволиме манипулации со креирање лажна перцепција за наводно институционално понижување на Албанците. Ова е дел од реакцијата на коалицијата „Вреди“ откако опозициската ДУИ вчера обвини за систематски обид за исклучување на Албанците од државните институции, а како пример за тоа ги наведе последните кадровски измени во ФЗО, каде што како в.д. директори се назначени двајца етнички Македонци.

Лидерите на четирите опозициски партии на Албанците кои се дел од коалицијата „Вреди“ / Фото: Архива

„Лицемерието на Ахмети и Села нема граници. Преку ден нивниот директор на ФЗО во заминување со насмевка ги пречека и се фотографираше со новите директори, а попладне на опозициската ДУИ ѝ текна наводно да се загрижи за меѓуетничката хармонија и Охридскиот рамковен договор. Со други зборови, им се плаче што ги напуштаат институциите, ги губат привилегиите и се под закана од ревизија на нивното работење“,

се наведува во реакцијата на коалицијата „Вреди“.

Во писмената реакција, меѓу другото, од коалицијата ја повикаа Демократската унија за интеграција да одговори зошто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му понудиле да влезе во владата наместо „Вреди“ со само четири министерства, без претседател на Собрание и, како што велат, „со ветување дека ќе му одработат на локалните избори во 2025 неговите кандидати за градоначалници да победат во Кичево и Струга“.

Реакцијата на „Вреди“, која е актуелен коалициски партнер во Владата, следува откако од ДУИ вчера излегоа со обвинување дека се прават обиди за отстранување на Албанците од институциите, а со тоа и од процесите на носење одлуки во државата по назначувањето на Сашо Клековски и Бранко Аџигогов – двајцата етнички Македонци – за в.д. директори на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

- Реклама -