„Вреди“: ДУИ се служи со манипулации и лаги во обид да ни наштетат

Додека „јагнињата да стивнат“ имаме една порака – срамот што ќе ве стигне ќе биде толку голем што и тоа добро што некогаш Али Ахмети го направил за Албанците, ќе си го помножите самите со нула, се вели во соопштението на „Вреди“ насочено кон политичката партија ДУИ

Инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи кој се случи вчера на скопскиот аеродром беше причина за партиите на Албанците во Македонија да започнат со меѓусебно обвинување за тоа кој е виновен за „дипломатскиот скандал“.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети упати извинување до претседателката на Косово, Вјоса Османи, осудувајќи го вчерашниот инцидент, притоа поврзувајќи го со имињата на рускиот претседател Владимир Путин и српскиот претседател Александар Вучиќ, додека Артан Груби побара прошка од Косово, а Бујар Османи ја обвини коалицијата „Вреди“ за неспособност и неодговорност, притоа нарекувајќи ги илегални претставници на Албанците во власта.

По изјавите на челниците на Демократската унија за интеграции, попладнево преку соопштение, реагираше владејачката коалција „Вреди“.

Оттаму велат дека штом лицето А.Г (Артан Груби н.з) кој е симбол за политичка корупција и казино криминалите се јави да ја „брани“ претседателката на Косово, се е јасно. Велат дека нема да ги зачуди и доколку во истрагата се покаже дека негови послушници свесно и со умисла го испровоцирале скандалот со скенерот на аеродромот.

„ВЛЕН како гласот на Албанците во Владата е сигурен партнер на САД, ЕУ, Косово и Албанија. Маката на ДУИ е што никој не им ја прифаќа лажната теза дека некој им го украл легитимитетот. А пустите, само крадење им е во умот и опседнатоста како да го задржат нелегално стекнатиот имот“,

се вели во соопштението.

Од „Вреди“ велат дека ДУИ воопшто не се грижи за Охридскиот Рамковен договор и за албанските национални интереси, туку дека нивно единствено гајле е што дошло времето за соочување со одговорноста и затоа сега бараат „чаре“ и дрско ги потценуваат Албанците мислејќи дека се наивни.

„Додека „јагнињата да стивнат“ имаме една порака – срамот што ќе ве стигне ќе биде толку голем што и тоа добро што некогаш Али Ахмети го направил за Албанците, ќе си го помножите самите со нула. Нема бегање од вистината“,

велат од „Вреди“.

Дополнително, „Вреди“ како коалиција изрази загриженост што ДУИ се служи со лаги и манипулации во обид само за да им наштетат, без да се грижи кави последици ќе му нанесе на Република Косово и порачаа дека јавноста треба да ги следи фактите, а не пропагандата на ДУИ.

Реакција претходно имаше и еден од лидерите на „Вреди“, министерот за здравство Арбен Таравари.

Тој посочи дека според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот.

„Министерството за внатрешни работи и државата немаат надлежност за безбедноста на аеродромот, туку тоа е во надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ. Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери. Зошто ДУИ не зборува за тоа? Ја повикуваме ДУИ да одговори дали за време на нивни патувања избегнуваат скенери“,

напиша Таравари на Фејсбук.

Инцидентот со Османи се случи вчера, откако вработен во ТАВ побарал од претседателката на Косово да го остави телефонот и да помине низ скенер, потег кој наишол на негодување од обезбедувањето на претседателката.

Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кое е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал им да се заканува на вработените во ТАВ, што за „360 степени“ го потврдија и од МВР.

По инцидентот, од ТАВ Македонија рекоа дека на проверки се обврзани и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.

Од кабинетот на Африм Гаши соопштија дека членовите на безбедносниот тим на спикерот биле присутни само за да помогнат во смирувањето на ситуацијата настаната од недоразбирањето помеѓу обезбедувањето на претседателката на Косово, Вјоса Османи и припадниците на аеродромското обезбедување.

Реагираше советникот за медиуми на косовската претседателка, Беким Купина кој смета дека однесувањето на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.

Од опозициската СДСМ, пак, велат дека јавноста е во целосна конфузија по вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот и побараа негово целосно расчистување.

- Реклама -