Вработените на Клинички ќе протестираат против поскапувањето на паркингот

Според неофицијални информации, денес во периодот на законски предвидената пауза од 10 до 10:30 часот, на иницијатива на повеќе од 200 вработени на Клинички, на хелиодромот ќе се одржи протест против одлуката на Град Скопје да ги зголеми цените на паркингот за вработените од Клинички од 300 на 800 денари месечно.

Со оваа мерка, порачаа претходно од Синдикатот, најмногу ќе настрадаат вработените од најранливата категорија – оние чија нето плата изнесува 12.503 денари, кои со новата цена ќе треба да работат приближно еден месец во годината само за да платат паркинг на своето работно место додека ги извршуваат своите работни обврски.

Освен од одлуката за поскапување, вработените на Клинички се разочарани и од изјавата на градоначалникот на Петре Шилегов, кој рече дека 1.500-те месечни карти со повластена цена од 300 денари биле издадени од „евтин популизам“. Вработените на Клинички велат дека со тоа Шилегов длабоко го повредил нивното достоинство.

„Паузата е време во кое ќе покажеме дека нема повеќе да не цедите по џеб и навредувате како професионалци“ – пишува во најавата за протестот, пренесува Нова ТВ.

Вработените најавуваат и дека ќе предложат решенија што ќе бидат и во нивна, и во корист на граѓаните, а од утре најавуваат и блокирање на наплатните места за користење на паркинг.

- Реклама -