Возејќи велосипед, Холанѓаните „садат“ 54 милиони дрва годишно

Холанѓаните толку многу километри поминуваат на велосипед, што му доаѓа исто како да садат 54 милиони дрва, годишно (!), покажуваат податоците на Програмата за животна средина на Обединетите нации.

Како што се вели во видеото на Светскиот економски форум, на поминати 7 километри, на велосипед заштедувате по 1 килограм јаглероден диоксид (CO2) во споредба со кога истата дистанца би ја поминале со автомобил.

Холандија, конкретно, има повеќе велосипеди отколку што има луѓе. Се разбира, празните велосипеди не штедат јаглероден диоксид, но клучниот податок е дека дури четвртина од сите патувања во Холандија се на велосипед. Како што веќе знаете, за тоа не е заслужен само податокот што Холандија е прилично рамна земја, туку тоа што владата постојано работи на подобрување на условите за возење велосипед, создавајќи, на пример, огромна мрежа од велосипедски патеки и константно промовирајќи ги здравствените бенефити од возењето на велосипед. Така, според American Journal of Public Health, животниот век на Холанѓаните се продолжува за 6 месеци, а се заштедуваат и повеќе од 3% од националиот бруто домашен производ.

Возејќи велосипед, Холанѓаните можат и буквално да заработуваат. Владата им овозможува на работодавачите да доделуваат бонуси за работниците кои доаѓаат на работа со велосипед, ослободени од даноци.

Глобално, според Светската здравствена организација, транспортот е најбрзорастечки фактор кој придонесува за зголемување на стакленичките гасови, а во моментов е заслужен за четвртина од сите глобални емисии на CO2. Аерозагадувањето, пак, според СЗО, доведува до 3.7 милиони предвремени cмpтни случаи.

Би возеле ли велосипед за да помогнете во борбата против климатските промени?, прашува Светскиот економски форум. Прашањето, очигледно, не важи за Холанѓаните:

 

- Реклама -