Воздухот во Скопје повторно најзагаден во светот

ФОТО: Скопје смог аларм на Фејсбук. „Хоророт во Лисиче“. Објавена синоќа пред полноќ.

Според податоците на AirVisual, синоќа и утрово Скопје е најзагадениот меѓу поголемите градови во светот. Со индекс на квалитетот на воздухот (AQI) од 217, Скопје е позагаден и од Лахор, Дака, Катманду, Калкута, Шангај, Момбај…

Според AirVisual, најзагадени се Центар – со индекс од 221, Карпош – со индекс од 217, и Ректорат – со индекс од 155.

Со концентрација на ПМ2.5 честици од 166 микрограми на метар кубен, Скопје е во виолетовата зона, која означува „многу штетно по здравјето“ (very unhealthy). Носењето маски и користењето на прочистувачи на воздух е задолжително, а ранливите групи треба да избегнуваат излегување надвор по секоја цена.

Според податоците на AirVisual, воздухот во Скопје бил најзагаден ноќеска околу 1 (со индекс 322) и 2 часот (индекс 306).

Индексот на AirVisual е формула во која обично се вклучени до шест главни полутанти (ПМ2.5 и ПМ10 честици, јаглероден моноксид, сулфур диоксид, азот диоксид и ниво на озон). Заедно со здравствените ризици, тие го даваат индексниот број во секој даден момент, кој е диктиран од „најризичниот“ полутант со најголема концентрација во воздухот.

Според прогнозата, квалитетот на воздухот ќе се подобрува во текот на денов, а веќе од утре би требало да дишеме далеку понормален воздух.

- Реклама -